Продолжува градежната офанзива на станови во државата. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека лани биле изградени речиси 6000 станови.
Статистичарите пресметале дека 2.331 биле изградени од страна на физички лица, односно инвидуални градители, а 3.445 ги граделе градежните компании.
„Во 2023 година, деловните субјекти кои се занимаваат со градежна дејност извршиле градежни работи во вредност од 599 милион евра. Од нив, 308 милиони евра се за објекти во индивидуална сопственост. Во текот на 2023 година се градени вкупно 2 874 објекти, а завршени се вкупно 3 445 станови со вкупна површина од 243 815 м2 , од кои 3 415 се во индивидуална сопственост. Просечната корисна површина на завршените станови е 70.8 м2 . По региони, најмногу се градело во Скопскиот Регион, потоа во Југозападниот, Пелагонискиот итн.“ – велат од Државниот завод за статистика.
Вредноста на објектите кои ги граделе физички лица се проценува на околу 220 милиони евра. Што се однесува до деловните субјекти односно компаниите, нивниот број на изградени објекти лани достигнува речиси 2900 објекти, a 70 квадрати во просек биле становите кој што ги граделе градежнтие фирми.
Податоците на државната статистика велат дека во полошкиот регион има најмногу изградени објекти од страна на физичките лица. Градежните компании пак најмногу инвестираат во скопскиот регион.
Ново изграден стан во центарот на Скопје се движи од 1500 до 2000 евра. Полуксузните може да чинат и над 3000 евра за метар квадратен. Градежниците се децидни дека стабилизирање на цената ќе има но не и пад на цените на ниво од пред пандемијата.
„Морам да нагласам тука дека голем удел во цената на становите, во моментов поготово во општините со голема трансакциска активност има мораториумот кој што беше прогласен во општините како што е Охрид, Центар, данокот за тоа дека не се градеше 4 години сега е многу голем и тоа врши дополнителен притисок на цената на станбениот простор, со оглед на тоа дека многу голема е побарувачката а многу мала е понудата. Без разлика на другите фактори кој ги наведов се додека побарувачката е многу поголема од понудата не можеме да очекуваме намалување на цените а стабилизација со оглед на трошоците може да очекуваме.“ – вели Андреа Серафимовски.
Ваквата состојба со цените на становите придонесе да профитираат и граѓаните кој продаваа стар или реновиран стан.