Во просек по 59.000 денари, или 965 евра месечна нето плата добивале 58 вработени во Развојна банка на РСМ, државен кредитор кој не работи со депозити, туку посредува во финансирањето на бизнисите кое главно доаѓа од странските банки од Европа.
Иако на почетокот бројот на вработени бил 44, за две години, односно до крајот на 2023 тој се зголемил на 58, со шест новопримени работници во текот на минатата година и ниту еден заминат.
Трошокот за плати и за задолжителните придонеси се зголемил за една година од 780 илјади евра, на 1,023 милиони евра. Ова го покажуваат објавените годишни и ревизорски извештаи на РБСМ за 2023.
Кире Наумов, главен извршен директор на банката, и неговиот заменик Фарук Исмаили, како членови на Управниот одбор, на посебна сметка за раководители поделиле безмалку 105.000 евра за бруто плата, надоместоци на плата, бонус, осигурување и други трошоци во текот на целата година.
Севкупно за сите членови на разните одбори што ги има Развојна банка како акционерско друштво, вклучувајќи ги Наумов и Исмаили, им се исплатени 417.000 евра како на лица кои не се водат како вработени. Оваа исплата за една година се зголемила за плус неверојатни 75.000 евра.
Развојна банка во текот на 2023 имала активни пласирани кредити во висина од 280 милиони евра, а добивката изнесува 1,5 милиони евра.
Банката обезбедува и гаранции за бизнисите и кредитно осигурување, а за време на кризата од владата беше овластена да дава кредити за проекти од самовработување, одржлива енергија, субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки на компании кои ја реинвестирале добивката, итн.
Поголемиот дел од парите кои ги пласира Развојна банка доаѓаат од Европската инвестициска банка, а помал дел се домашни.