ПроКредит Банка успешно го заврши вториот настан од серијата „Дигитална еволуција – Одговорност на бизнисите кон иднината “. Станува збор за бизнис конференција посветена на унапредување на дигитализацијата во македонскиот бизнис сектор со посебен фокус на малите и средни претпријатија.
По успешниот настан минатата година кој на едно место собра претставници на домашни компании од приватниот сектор, компании кои нудат дигитални услуги, како и претставници од институции кои нудат финансирање, овој пат на конференцијата се приклучија над 120 учесници од локалниот бизнис сектор.
Претставници на седум истакнати компании ги запознаа присутните со нивните нови и иновативни дигитални решенија прилагодени за малите и средните претпријатија. Маријана Андриќ од компанијата Маранд, Анастасија Милковска од Телеком, Лазар Грубор од Фоксит, Димитар Јаневски од Инбокс, Благоја Хамамџиев од Моделикс, Елена Димовска од Семос едукација и Проф. Др. Никица Мојсоска Блажевски од Го Дигитал со своите презентации илустрираа како овие технологии можат да ги автоматизираат процесите, да го подобрат планирањето и одлучувањето, да ги оптимизираат трошоците и да ги задоволат барањата на конкурентниот пазар.
По презентациите се одржа панел дискусијата „Дигитална трансформација – предизвици и можности“, модерирана од Милан Дамчевски, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, на којашто Дритан Шујаиби од Маратодент, Љубиша Веселиноски од Тим Електро Плус и Станислава Шаровиќ Павковиќ од Шизик на Ризик ги споделија своите искуства со дигиталната трансформација.