Компанијата СЕБ Глобал Платформ Скопје, денеска, ја промовираше првата Регионална Берза за поддршка на малите и средните претпријатија во Македонија. Идејниот творец на самата бизнис идеја и основач на регионална компанија SEB Global Group и застапник Македонија, М-р Александар Ѓорѓиевски потенцираше дека апликативниот дел на Платформата sebyou.com дава одговор на суштинското прашање за малите и средни претпријатија: „Дали компаниите ја знаат својата пазарна вредност“.

„Ова е основната, иновативна услуга која досега беше достапна само за големите корпорации и акционерски друштва, но отсега како таква, за некоја симболична цена, ќе може да ја добијат и МСП. Употребата на дигиталните можности, посебно во Корона периодот, дополнително даде потврда за можностите од примена токму на оваа т.н. агрегатна метода за пресметка на Нематеријалната вредност на компаниите, преку соодветна економетриско-статистичка компаративна анализа на Рацио индикатори дефинирана со Меѓународниот сметководствен стандард 38“, потенцираше Ѓорѓиевски пред присутните гости.

Покрај оваа основа услуга, тој ги наброја и останатите услуги од основниот пакет кој во првите два месеца е бесплатен, како што се регионалната можност за Б2Б комуникација, консултантски извештаи со соодветен совет за подобрување на работењето, вебинари и достапност до меѓународни стручни публикации, како и можност за здружен настап на ексклузивни саеми, конференции и настани.