Туристичката сезона започна, а дел од плажите на охридското крајбрежје сè уште не се уредени. Причина за ваквата состојба е доцнењето со носењето на планот за управување со охридското крајбрежје, велат лицата кои закупија простор за поставување урбана опрема на капалиштата. Тие обвинуваат дека со уривањето на шанковите и пропратните објекти на плажите пред неколку години охридскиот туризам бил вратен две децении наназад …
Централната власт што поскоро да го донесе Планот за управување со Охридското крајбрежје, бидејќи само на тој начин Охрид ќе има модерни плажи кои ќе ги задоволуваат потребите на туристите. Во моментов, со одлука на охридската локална самоуправа може да се поставува само урбана опрема, а со уривањето на шанкови и пропратни објекти на плажите во изминатите години му се нанесе огромна штета на туризмот.
„Со самото уривање на сè што беше покрај езерото, од платформи, шанкови, се натаму, значи се уназади туризмот за повеќе од 20 години. И дека туристите реагираат, не сакаат ваков облик на поставување на плажите, толку скромен и безличен“, вели Даница Бачева-закупец на простор на капалиште.
Уредени плажи во Струга и Поградец
„На што личи ова погледнете го, погледни го само просторов. Осмислена плажа со теретани, со козметички студија, со WC-ња, со туш кабини. Ова е единственото јавно WC кое постоеше, а ден денес од Билјанини Извори до Свети Наум нема јавно WC покрај самиот пат“, додава Илија Џепароски-закупец на простор на капалиште.
Охриѓани реагираат и поради тоа што во Струга и Поградец се уредуваа монденски плажи додека во Охрид се уриваа. Укажуваат дека законите и препораките на УНЕСКО се однесуваат само за охридскиот дел од езерото, што значи дека има двојни аршини.