Боби и Жанко Мојсовски се основачи на Мистив Дев, инди студио за изработка на компјутерски видео игри лоцирано во Охрид, од каде управуваат со глобален бизнис. Браќата Мојсовски повеќе од 14 години заедно развиваат видео игри.
Неодамна тие добија инвестиција од светски познатиот издавач на видео игри – Snail Games USA за развој и лансирање на нивната најнова игра „Chasmal Fear“. Тоа беше повод да разговараме со Боби Мојсовски кој ни раскажа за нивните почетоци, за успесите, но и идните планови на охридската команија за развој на светски успешни видео игри.
Речиси сите работи кои ги знаеме за изработката на видео игри се стекнати од сопствена упорност, учење, барање на материјал за напредок и подобрување на вештините. Отсекогаш сме верувале дека се што можеш да замислиш, можеш и да постигнеш, особено во 21 век кога се е достапно на интернет. Потребно е само упорност, волја за учење, паметно работење и решавање на проблемите без разлика на се.
Почетоците на Мистив Дев започнуваат некаде пред 10 години кога со брат ми Жанко и уште еден девелопер ја започнавме нашата прва видео игра – Alan Sharp. Во тој период, не постоеше Мистив Дев како фирма него беа група пријатели кои имаат љубов и пасија за изработката на видео игри.
По излегувањето на Алан Шарп, таа група се распадна а јас и брат ми одлучивме да продолжиме напред под името Мистив Дев. Ја започнавме нашата втора игра – Mirror Forge – психолошки хорор со длабока приказна инспирирана од митовите на Ловкрафт и паралелни универзуми. По неколку месеци работа, играта Mirror Forge беше земена од издавачот DreadXP, познат хорор издавач/инвеститор од Холивуд. Благодарение на нив, играта доби огромна популарност и беше претставувана на многу интернационални настани како (Pax West, Pax East во САД и Gamescom во Келн, Германија). Оваа игра ни овозможи да ги напуштиме нашите тогашни работи и комплетно да се посветиме на изработката на играта. Излегувањето на играта на глобално ниво преку платформата Steam беше доста добар успех, а договорот со издавачот DreadXP отскочна даска за понатамошни проекти.
Под Мистив Дев, браќата Мојсовски изработија уште неколку малечки инди игри, а исто така беа поканети како спикери за изработката на видео игри и претприемништво во видео гејм индустријата на неколку настани, вклучително: GameJam+ (интернационален настан кој се одржува во неколку земји, а главното седиште е во Бразил) и предавања за гејм девелопмент на ФИНКИ.
Раскажете ни нешто повеќе за вашиот најнов проект? Најнов продукт е Chasmal Fear – компјутерска игра од жанрот хорор акција која се гради во Unreal Engine 5 од перспективата на GoPro (bodycam) камера. Според нивните статистики, оваа игра е моментално нивниот најуспешен продукт и еден чекор погоре од се друго што изработиле.
Дејството на Chasmal Fear се случува во блиската иднина, во еден огромен подводен град каде што нешто страшно се случило и останува на играчите да ја разоткријат мистеријата. Низ играта, тие ќе се соочат со страшни мутанти и суштества кои ги окупирале коридорите и просториите на подводниот град.
Неодамна, играта Chasmal Fear беше преземена од Snail Games USA, издавач од Холивуд со кој потпишавме договор. Снеил Гејмс се глобално познати издавачи на успешни видео-игри со канцеларии низ целиот свет од Америка, Германија, Африка, па се до Кина. Еден од нивните најуспешни и најпознати проекти е ARK: Survival Evolved – толку успешна видео игра што дури направија и ТВ Серија на Paramount+ каде глумат Вин Дизел, Џерард Батлер, Расел Кроу, Дејвид Тенант, Карл Урбан, Моника Белучи и многу други познати глумци.
Snail Games ќе биде одговорен за целокупниот маркетинг на играта (секакви реклами, контактирање на познати лица-инфлуенсери, праќање мејлови, социјални медиуми, одење и правење на штандови на популарни гејминг настани). Исто така, како инвеститор, тие ни даваат инвестиција како би ги покриле сите трошоци кои се околу изработката на оваа игра – конкретно нема да зборуваме за сумата зошто тоа е заштитено во самиот договор кој е потпишан.
Snail Games е нашиот втор инвеститор од Холивуд. Првиот беа DreadXP и тоа ни отвори огромни можности ширум светот. Нашата претходна игра – Mirror Forge беше објавена од преку 400 портали на глобално ниво, достигна до илјадници и илјадници гејмери, бевме лично во Германија и Америка за нејзина промоција и запознавме многу големи личности во оваа индустрија. Благодарение на претходниот издавач, бројките на фанови на нашите игри достигнаа илјадници на сите социјални медиуми (пример Твитер во моментов: 5,242 фанови/потенцијални клиенти). Мислам дека тоа придонесе уште толку да се зголемат шансите за нашиот следен проект, овој проект сега, Chasmal Fear. Самата прва најава дека работиме нов проект (пред неколку месеци) беше објавена од стоттина портали – од американски, до кинески, јапонски, шпански, германски и тн.). Растот на популарноста на овој нов проект го привлече вниманието и на издавачите.
Да бидиме искрени, ние бевме во комуникација со 7 издавачи и нормално, секој детал од договорите го анализиравме со адвокати. Snail Games беа тие кои мислиме дека најмногу ни одговараа и мислиме дека најмногу ќе придонесат за нашиот нов проект – Chasmal Fear, да го добие тоа што го заслужува. Покрај маркетинг, PR и продажба, Snail Games исто така ни помагаат со тестирање на играта, преведување на играта и можност за портирање на играта на PlayStation i Xbox, а со самото тоа и ни помагаат со тоа што ќе ни овозможат ние целосно да се фокусираме на девелопмент на играта.
Каков е досегашниот успех на Chasmal Fear – компјутерска игра за која велите дека ви е најуспешна?
Кога зборуваме за успешност на играта нормално е да се спореди со статистиките на претходните игри што сме ги изработувале, а до сега гледано според статистиките за истиот временски период Chasmal Fear има околу 3 и пол пати повеќе заинтересираност од претходните игри што сме ги изработувале. Тоа се подразбира “Wishlists” – ова е клучен збор доколку работите во гејм девелопмент. Wishlist буквално значи дека некој се заинтересирал за играта и кликнал дека сака да ја купи денот кога таа ќе излезе (во нашиот случај е Q4 – играта се планира да излезе до Декември 2024). Со самото кликање, тој се запишува во глобалната датабаза на Steam за да биде известен со мејл кога таа ќе излезе на пазарот. Wishlist-ите се целта на секое гејм дев студио и се најблиску до “конверзија“ или што би рекле народски, “фаќањето на клиент“.
Раскажете ни од каде и кога ви се роди љубовта за видео игри?
Фанови сме на видео игрите уште од детство, поточно, уште од раѓање што би се рекло, бидејќи нашиот татко уште тогаш работеше со програмирање и беше љубител на компјутери (вклучувајќи и видео игри). Па, доста често се случуваше да седиме и да го гледаме него како игра некои од најлегендарните игри кои останале и ден денес. Можеби уште една кривица за нашата љубов према игрите би биле фирмите “Blizzard Entertainment” и “ID Software” кои ги направија тогашната Blackthorne (1994) и Doom (1993).
Каков е моменталниот глобален пазар на видео игри?
Според различни истражувања светската музичка индустрија во 2020 година имала обрт од 19,1 милијарда долари, додека филмската индустрија направила 41.7 милијарди долари. Но, гејминг индустријата прави ТРИ ПАТИ повеќе пари од музичката индустрија и речиси четири пати повеќе од светската филмска индустрија. Се предвидува дека овој пазар ќе достигне вредност од 583.69 милијарди долари до 2030 година.
Според други истражувања, има околу 3.2 милијарди гејмери во светот, од кои 1.17 милијарди играат онлајн игри. Под гејминг се подразбира видео игри во разноразни платформи: компјутерски, Xbox, PlayStation, Nintendo Switch, Мобилни игри и тн.
Има ли во Македонија развиена сцена во оваа индустрија? Што фали за да биде поразвиена?
Во последните години е направено напор за гејминг сцената (esports) – да се разбереме, тоа се гејмери кои ги играат игрите, но треба уште многу работа за да се кажи дека имаме гејминг сцена.
За гејм девелопмент поточно, ситуацијата е многу полоша: недостига поддршка од владата или фондови, како и помош за експонирање.
За жал таа е реалноста овде, меѓутоа, повеќето кои работиме гејм девелопмент најчесто (а можеби и секогаш) работиме со странски пазари, странски инвеститори, странски клиенти на глобално ниво, па мислам дека многу минимално ни влијае недостатокот на поддршката од нашата држава.
Покрај недостатокот на фондови и поддршка од владата, мислам дека фали една добра едукација која би ги подучила луѓето што се подразбира гејм девелопментот.
Гејм девелопмент е МНОГУ ШИРОК ПОИМ и како гранка во бизнис може да донесе огромни придонеси за државата. Зошто? Затоа што – денешните видео игри се интерактивен медиум. Замислете книга – книгите ви ја разработуваат имагинацијата, меѓутоа не се визуелен медиум. Филмовите се визуелен медиум, меѓутоа ликовите и приказната се обработени како што сакал режисерот. Игрите се комбинација од двете.
За да се направи една квалитетна видео игра потребно е многу знаење, многу работа и познавање на многу различни бранши. Гејм девелопментот е бранша која секогаш оди напред, и без разлика на годините, треба да бидеш спремен цело време да учиш, да се подобруваш и да ги следиш иновациите. Пример: 3D Моделирање, Архитектура, Интериер и Дизајн, Ликовна Уметност, Програмирање, Бизнис планирање, Познавање од музика и компонирање на музика, глума, пишување на приказна и ликови и тн. Како што гледате од горенаведеното, во гејм девелопментот буквално има се од факултетите кои ги имаме во нашата држава.
Засега, скоро сите работи ние ги правиме сами и се учиме сами – или на некои работи им правиме “outsourcing” така што правиме договор на дело со некој експерт за одредена работа.
Идни развојни планови? И очекувања во кој правец ќе се движи гејминг индустријата?
Секако имаме истражувано што би било следно за MystiveDev и имаме неколку идеи кои што се во почетна фаза на развој (планирање), но сепак целосниот фокус ни останува на Chasmal Fear се додека не излезе па потоа може да се разработат подетално идеите пред да се одлучи што ќе ни биде следниот проект. За што би било следно, очекуваме во следниот период да има повеќе заинтересираност за AR/VR игри, користењето на Generative AI во софтверските решенија ќе се прелие и во гејмингот каде што би имале Generative AI игри со фокус на играчот и за последно во блиска иднина како што гледаме се поголема и поголема подршка за крипто проектите очекуваме поголем развој на blockchain игри (меѓутоа не сме размислувале за таков тип на игри барем засега).
Повеќе информации во врска со играта:
https://youtu.be/Y-IEV_EKuws?si=dD9NtZ8EgqRa6SI_ – трејлер видео
https://store.steampowered.com/app/2597570/Chasmal_Fear/ – официјална Steam страна
https://mystivedev.com/ – вебсајт
Социјални медиуми:
Twitter: https://twitter.com/MystiveDev
Tik Tok: https://www.tiktok.com/@mystivedev
Instagram: https://www.instagram.com/mystivedev/
Youtube: https://www.youtube.com/c/MystiveDev
Facebook: https://www.facebook.com/MystiveDev