Прво ребаланс, а потоа владата ќе почне да ги дели парите според приоритет. Премиерот Мицкоски денеска најави дека во овој Буџет нема доволно финансии за предвидените проекти. Први на листата се општините и линеарното зголемување на пензиите. Ова го најави премиерот, на камен-темелникот за ново скопско училиште…
Линеарно зголемување на пензиите од септември, најави премиерот Мицкоски. Средства за оваа намена ќе бидат обезбедени со ребалансот на Буџетот, кој се очекува да биде усвоен во јули. Првично во буџетот се превидени дополнителни 5 милијарди денари, од кои половината ќе бидат наменети за актуелниот недостиг од близу 40 милиони евра за тековните пензии, а преостанатиот, за првиот дел од линеарното зголемување од 2.500 денари во септември.
После 100 години селото Драчево доби ново училиште во кое настава ќе посетуваат 570 деца. Инвестиција вредна 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот буџет. Министерката за образование Весна Јаневска уверува дека во почетокот на следната учебна година, основците ќе ги имаат сите книги, додека тие во средното образование, речиси сите.
Јаневска најави и стартување на дигитализацијата во образованието, за кое како што рече, ќе претстои тест-период.