Генералната директорка за технологија на OpenAI, Мира Мурати, неодамна беше гостинка на нејзиниот матичен Факултет за инжинерство при Универзитетот Дартмут, каде што учествуваше во дискусија за развојот на вештачката интелигенција, тековните безбедносни и етички дилеми и идните влијанија на технологијата.
Најмногу реакции во јавноста предизвика нејзиниот коментар за влијанието кое вештачката интелигенција може да го има врз креативната индустрија, односно работните места на креативците.
„Некои креативни работни места можеби ќе исчезнат, но тие можеби и воопшто не требало да постојат“ – изјави Мурати. Таа гледа на вештачката интелигенција како алатка за стимулирање на креативноста и соработката, изразувајќи уверување дека технологијата исто така ќе го предизвика појавувањето на нови работни позиции кои досега не постоеле.
„Јас не сум економист, но секако очекувам дека многу работни места ќе се променат. Некои работни места ќе бидат изгубени, некои работни места ќе се добијат“ – вели Мурати, додавајќи дека работните места кои најверојатно ќе изумрат се оние што се „строго повторливи“ и не го поттикнуваат натамошно унапредување на креативноста и решавањето на проблемите.
И покрај дилемите во јавноста, Мурати сепак гледа позитивно кон иднината на вештачката интелигенција: „Навистина верувам дека нејзината употреба како алатка за едукација, креативност, ќе ја прошири нашата интелигенција, креативност и имагинација. Првиот чекор е всушност да им помогнеме на луѓето да разберат за што се способни овие системи, што можат да направат, да ги интегрираат во нивните работни процеси и потоа да почнат да го предвидуваат и прогнозираат влијанието“.
Целосната дискусија можете да ја проследите во продолжение: