Зголемување на минималната плата и стабилизирање на цените на прехранбените производи се приоритетите на новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши.
Дурмиши, на својата прва средба со новинарите откако е министер, најави дека Министерството за економија и труд ќе се фокусира на подобрување на бизнис-климата и на работничките права.
Тој најави дека ќе се залага за отворен дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и оти уште на првиот состанок под негово претседавање ќе се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра уште во првите 100 дена од формирањето на новата влада.
„Мора да ги имаме во предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис-секторот“, рече Дурмиши.
Министерот за економија и труд нагласи и дека ќе продолжи процесот на изработка на новиот закон за работни односи и на законот за безбедност и здравје при работа, за кои рече дека ќе бидат во насока на унапредување на правата на работниците.
Листата од 1 600 производи за Законот за нефер трговски практики, која е веќе објавена во „Службен весник“, а која од септември треба да профункционира, Дурмиши рече дека ќе биде разгледана заедно со коморите и стопанствениците, а не ја исклучи можноста и за евентуални промени во неа.
„Ќе се сретнам со коморите и произведувачите на храна за на некој начин да успееме да ја намалиме цената на храната во интерес на граѓаните. Со нив ќе разговарам за да ги видиме сите можности што ни се на располагање за евентуални промени во листата на производи“, рече Дурмиши.
Во однос на досегашната работа на Министерството за економија, Дурмиши најави дека во наредниот период ќе поднесе барање до Државниот завод за ревизија за целосна ревизија на работењето на институцијата почнувајќи од 2015 година. Ова, според Дурмиши, не значи дека тој се сомнева во работењето на својот претходник Крешник Бектеши, туку дека таква проверка на институцијата немало од 2015 година.
„Последната ревизија за работењето на Министерството е направена во 2015 година. Оттогаш наваму нема ревизија и затоа ќе направиме ревизија за да видиме како е работено досега“, рече Дурмиши и додаде дека за секоја злоупотреба на институциите или кршење на законот треба да се одговара без разлика која ја направил.
Главниот фокус на Министерството за економија и труд со новата реорганизација, како што рече Дурмиши, ќе биде засилена поддршка на индустријата, креирање мерки за микро, малите и средните компании, зголемување на конкурентноста на бизнисот, внатрешниот пазар, трговијата, како и поддршка на работодавачите, креирање мерки и политики за вработување, подобрување на пазарот на труд и заштита на работничките права.
„Ќе продолжиме со финансиска поддршка за инвестициите за домашните и странските компании којашто е регулирана со Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто е во наша надлежност. Планираме постапката и условите за доделување на државната помош да бидат ревидирани во насока на поголем износ на поддршка за домашните компании што извезуваат и компаниите од секторите со конкурентна предност“, рече Дурмиши.
Во фокусот, како што посочи, ќе останат микро, малите и средните претпријатија кои се најбројни во домашната индустрија и за нив ќе бидат зголемени финансиите и мерките.
Најави и дека при носење на сите законски решенија ќе бидат консултирани странските инвеститори, бизнис-секторот, работодавачите и коморите.
Со новата реорганизација и преземањето на секторот Труд, Дурмиши рече дека ќе се поврзат бизнисот и работниците во една целина, со што, според него, се дава можност да се видат и да се слушнат сите фактори во еден производствен процес.
Приоритет, рече Дурмиши, ќе му бидат унапредувањето на правата на работниците и заштита на работничките права, а за Агенцијата за вработување најави дека ќе прерасне во ефективен посредник помеѓу работниците и работодавачите.