На Wall Street, цените на акциите на технолошките компании повторно пораснаа во средата, при што S&P 500 достигна ново рекордно високо ниво, како и индексот Nasdaq, додека инвеститорите го чекаат извештајот за инфлацијата во САД.
Индексот Dow Jones зајакна 1,09 отсто, на 39.721 поени, додека S&P 500 порасна за 1,02 отсто, на 5.633 поени, а Nasdaq 1,18 отсто, на 18.647 поени. Така, Nasdaq достигна рекордно ниво седми ден по ред, а S&P 500 шести ден по ред.
Ова главно се должи на порастот на цените на акциите на технолошките гиганти, како Nvidia и Apple.
Позитивно на пазарот влијаеше и извештајот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел до Конгресот, во кој тој рече дека податоците за инфлацијата се подобруваат, но дека е потребен натамошен напредок во однос на намалувањето на инфлацијата.
Иако нагласи дека неговите изјави не испраќаат никакви сигнали за идните потези на централната банка, сепак на пазарот се зајакнаа шпекулациите дека ФЕД ќе ги намали каматните стапки веќе во септември.
Но дали има простор за тоа ќе се види во наредните денови. Во четврток ќе биде објавен извештај за потрошувачките цени и во петок за цените на производителите во јуни.
Во петок започнува и сезоната за објавување на кварталните деловни резултати на компаниите и банките.
Бидејќи растот на берзанските индекси од почетокот на годината главно се заснова на скокот на цените на акциите на неколку од најголемите технолошки компании, аналитичарите предупредуваат на можна корекција на цените доколку деловните резултати не го оправдаат толку силниот пораст во цените на акциите на овие компании.
Аналитичарите анкетирани од Ројтерс проценуваат дека заработката по акција на компаниите од индексот S&P 500 пораснала во просек за 10,1 отсто во вториот квартал, по растот од 8,2 отсто во претходниот квартал.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,66 отсто, на 8.193 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,94 отсто, на 18.407 поени, а париски CAC за 0,86 отсто, на 7.573 поени.