Расположението е чудна работа којашто влијае врз многу рационални и ирационални одлуки на луѓето. Многу често влијае и врз финансиското однесување на човекот, кое, сепак, во најголема мера зависи од неговите потреби, желби и можности. Кога, пак, станува збор за финансиските можности на македонските граѓани, од кои зависи и задоволувањето на нивните секојдневни или животни желби и потреби, откривме еден интересен феномен.
Дали знаете кога граѓаните во земјава се најрасположени за задолжување во банка? Дефинитивно не на крајот од годината, ниту пак на почетокот. На крајот од секоја година луѓето се удрени на забави и прослави, така што веројатно немаат време за да размислуваат за нови задолжувања. А на почетокот од секоја година најверојатно се преисцрпени за да разгледуваат разни финансиски конструкции или, пак, не сакаат да ја започнат годината со нов долг.
Затоа, пак, во пролет и во лето се најрасположени за земање кредит или кредитна картичка од банка, или за користење дозволено пречекорување на тековната сметка. Можеби и временските прилики имаат свое влијание врз ваквата периодична раздвиженост на луѓето по банките.
Ова го покажуваат податоците за кредитната активност на банките во земјава во однос на граѓаните. Ги анализиравме месечните состојби со кредитирањето од 2009 година до мај 2024 година. Анализата на порталот „Пари“ покажа дека во изминатите 15 години, во јануари, февруари и во декември банките регистрираат најмали износи на кредитирање на граѓаните. Во некои од овие месеци дури има и поголема отплата на кредити отколку подигање нови. Таков е случајот во 2009, 2010 и 2011 година.
Затоа, пак, најдобри месеци за кредитна активност на банките се мај и јуни, а во одредени години во март и во јули, исто така, се забележува зголемен износ на одобрени кредити на физички лица. Во дури 11 од 16 години јануари бил најслаб месец за кредитирање на населението, во 9 години и во февруари имало слаба кредитна активност, а во 9 години „катастрофален“ бил декември.
Во 13 од 16 години, мај без исклучок бил најдобар месец за кредитно задолжување во банка. Потоа следува јуни, а март и јули се истакнуваат во 6-7 години. Во останатите месеци од годината има поумерено задолжување на граѓаните, кое варира од година во година. Трендот покажува дека септември, октомври и ноември се подобри од февруари или април. Изненадувачки е што кога станува збор за кредитна активност, август е прилично мирен месец.
Врз основа на бројките, кои ги извадивме од статистиката на Народната банка на Македонија, можеме да заклучиме дека граѓаните подигнале рекорден износ на кредити од банките во мај 2019 година – дури 2,7 милијарди денари, што е околу 700 милиони денари повеќе во однос на мај 2018 година и дури 1,1 милијарда денари повеќе во однос на мај следната, 2020 година. Следни рекордни месеци со одобрени кредити на граѓани во износ над 2 милијарди денари се март 2022 година, мај 2022 и 2024 година, јуни 2020, 2021 и 2023 година, и септември 2020 година.
Во следната анализа ќе читате во кој месец од годината каков кредит најмногу подигале македонските граѓани.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/vo-koj-period-od-godinata-gragjanite-se-najraspolozeni-za-zemanje-kredit-od-banka/