Корисна информација за банките – ако сакате да им продадете потрошувачки или станбен кредит на граѓаните, не ги барајте во јануари – ни под разно!
Корисна иформација за граѓаните – ако сакате да земете потрошувачки или станбен кредит, не одете во банка во јануари, нема да добиете.
Јануари е, дефинитивно, најлошиот месец за кредитирање на граѓаните во земјава. Тоа е така веќе 16 години наназад. Во овој месец е регистрирана најмалата кредитна активност на банките кон физичките лица. „Пари“ повторно анализира во кој месец од годината за каков кредит се заинтересирани македонските граѓани, врз основа на податоците за одобрените станбени и потрошувачки кредити во периодот од јануари 2009 до мај 2024 година.
Бројките се повеќе од јасни. Во првиот месец од секоја година има најмала кредитна активност. Дали граѓаните се помалку расположени за задолжување или, пак, банките за кредитирање, тешко е да се каже. Но, фактичката состојба е дека секој јануари статистиката на Народната банка регистрира мали износи на кредитирање на граѓаните. Во одредени години дури има и негативна состојба, односно повеќе кредити се вратени отколку што се земени. Сигурно, тука свој придонес имаат и банките, односно на почетокот од годината не се многу подготвени за одобрување кредити.
Каква е состојбата во другите месеци? Граѓаните удираат на трошење во јуни. Првиот летен месец дефинитивно е – месец на потрошувачките кредити. Факт е дека во овој период и банките се поотворени кон своите клиенти, па им нудат разни промоции, од намалени каматни стапки на потрошувачките и станбените кредити, до укинување на надоместоци за аплицирање, обработка, проценка и одобрување на кредитот, па тоа ги мами граѓаните да се задолжат за да задоволат некоја своја желба или потреба.
Но, очигледно, и самите граѓани во јуни се порасположени за земање потрошувачки кредит. Таквото расположение во дел од годините ги фаќа уште во април и мај, а во некои години ги држи и во јули. Пролетните и летните месеци убедливо се месеци на потрошувачките кредити, додека есенските стојат релативно послабо.
Кога станува збор за станбените кредити, повторно јануари не е месец за кредитирање. Но, затоа во декември се одобруваат најмногу станбени кредити. Крајот на годината е период во кој во земјава се одобруваат најмногу станбени кредити. Трендот започнува во октомври, се засилува во ноември и својот врв го достигнува во декември. Единствен друг месец што може да му конкурира на декември е јуни, особено во 2021 и 2023 година, кога исто така се забележува поголема кредитна активност за финансирање на потребите на граѓаните за купување нов дом. Исто така, и во март и во јули во одредени години се забележува поголемо кредитирање.
Рекордот во однос на најголемиот износ на одобрени станбени кредити во изминатите 16 години го држи јули 2021 година. Тогаш банките одобриле станбени кредити во вкупен износ од 1,3 милијарди денари. на таа линија се и јуни истата година со 1,2 милијарди денари, јуни 2023 и декември 2020 со 1,1 милијарда денари.
Најголемиот износ на потрошувачки кредити, пак, е одобрен во мај 2019 година од 1,8 милијарди денари. Следуваат декември и јуни 2023, јуни 2021, јуни 2019 и март 2017 година со 1,3 милијарди денари. А, најголемата отплата на потрошувачките кредити е забележана во јануари оваа година, кога кредитната акктивност на банките е во минус од 1,3 милијарди денари.