Некои од најбогатите жители на Франција веќе размислуваат да ја напуштат земјата, загрижени поради можноста за зголемување на даноците и политичка нестабилност по неодамнешните парламентарни избори, пишува Bloomberg, повикувајќи се на менаџери кои управуваат со големи инвестициски фондови.
По изборите ниту еден политички блок нема мнозинство во парламентот, но најмногу пратенички места освои левичарскиот сојуз.
Неколку советници на богати инвеститори посочуваат дека повеќе нивни клиенти се во паника и веќе почнале да пренесуваат капитал во странство. Повеќето се загрижени дека, иако ниту крајната десница ниту екстремната левица не победија на изборите, некои од предлозите за кампањата на партиите, како што се повисоките даноци, наскоро би можеле да станат закон.
„Имаме нови клиенти како врвни директори кои се прашуваат што можат да направат за да се заштитат. “, вели Ксенија Лежандар, извршен партнер на адвокатската фирма Хоган Ловелс со седиште во Париз.
Левичарскиот Нов народен фронт, кој освои најмногу места на изборите, вети дека ќе го оданочи суперпрофитот на компаниите и повторно ќе воведе данок на богатство за богатите. Таквиот закон би бил во спротивност со политиката што ја воведе претседателот Емануел Макрон, која се смета за попријатна за богатите, па дури и го доби прекарот „претседател на богатите“.
„Луѓето кои можат да заминат ќе си заминат ако се усвојат екстремни политики. Франција повеќе не би била привлечна за странците, а богатите би си заминале“, предвидува Емануел Анжелие, шеф на компанијата за управување со богатство Финансие Орион.
Некои луѓе почнаа да го преселуваат капиталот од Франција уште пред вториот круг на гласање, главно во земји како Швајцарија и Луксембург. Повеќето менаџери за богатство велат дека местата како Италија, Дубаи, Сингапур и САД се исто така меѓу дестинациите на кои многу француски богаташи го насочуваат својот бизнис.