Владата го усвои дополнителниот ребаланс на државната каса

Обезбедени се средства за исплата и за зголемување на платите во јавната администрација до крајот на годинава, согласно со сите потпишани колективни договори. Како што објасни министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, образложувајќи го дополнетиот ребаланс што го усвои Владата, проектирани се преку 4,1 милијарда денари за исплата на плати, 5,1 милијарда денари за пензии, 800 милиони денари за корисниците на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарди денари за здравствена заштита… Професорот Абил Бауш вели за весникот ВЕЧЕР дека не гледа инвестиции со ребалансот на буџетот, главно се гасат социјалните пожари за да го намалат притисокот од инфлацискиот удар

 

Обезбедени се дополнителни средства за плати, за пензии, за набавка на опрема, со усвојување на дополнетиот ребаланс на буџетот од страна на Владата. За оваа намена, на владина седница, усвоен е дополнителниот ребаланс на буџетот, кој, меѓу другото, предвидува над 4 милијарди денари дополнителни средства за исплата на плати и 5 дополнителни милијарди за пензии.

Како што објасни министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, усвоениот буџет повторно ќе биде испратен во Собранието за разгледување и усвојување на пленарна седница. Според неа, дополнетиот ребаланс на буџетот за 2024 година одговорил на неколку дополнителни предизвици за кои се појавило потреба да се направи надополнување во буџетите на одредени буџетски корисници.

Според професорот и експерт за економски прашања, Абил Бауш, никогаш нема доволно пари, секогаш недостигаат, иако со дополнителниот ребаланс на буџетот се прават напори да се обезбедат потребните средства, главно, за пензиските и за инвалидските фондови. Нема промени кај минималната плата, оти колективните договори со синдикатите, конкретно со УПОЗ и со СОНГ, беа претходно потпишани, и нема отстапки тука.

– Со ребалансот на буџетот не гледам инвестиции, главно се гасат социјалните пожари за да го намалат притисокот од инфлацискиот удар. Сега само се крпи, но ќе го чекаме буџетот за 2025 година и тогаш ќе се знае во кој правец се оди, дали ќе има доволно средства и за капитални проекти и инвестиции – вели професорот Бауш за весникот ВЕЧЕР и дополнува дека стравува со намалувањето на инфлацијата да не се забега во рецесија.

Како што појаснува Димитриеска-Кочоска, со дополнувањето, кое ќе се достави на усвојување во Собранието, се обезбедиле надополнувања на средствата  и за: Државната изборна комисија, Комисијата за заштита на конкуренцијата, Агенцијата за заштита на личните податоци, Оперативно-техничката агенција, Инспекцискиот совет, Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Министерството за образование, Царинската управа, судската власт, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Народниот правобранител и слично.

– Поконкретно, со надополнувањата се обезбедуваат средства за исплата на плати, како и за набавка на опрема. Меѓу другото, во Државната изборна комисија се дополни износ од 350 милиони денари, 147 илјади денари за набавка на опрема во Инспекцискиот совет, 60.000.000 денари во МВР за набавка на материјали за лични документи, 87,2 милиони за дореализација на проектот „Брана Отиња“ и дополнителни 20 милиони денари се наменети за надоместок за одземен имот за проектот „Брана Отиња“ (експропријација). Кај Македонската академија на науките и уметностите, 18,7 милиони денари за научноистражувачки проекти и 3,3 милиони за набавка на опрема, како и 138.000 денари за дореализација за набавка на опрема кај Народниот правобранител – изјави Димитриеска-Кочоска и го опиша ребалансот како надграден документ со кој се надоместени пропустите во планирањето на иницијалниот буџет и се обезбедени средства за исплата на сите права во согласност со законот.

На тој начин, според министерката, обезбедени се средства за целосно сервисирање на сите права и достасани обврски до крајот на годинава. Тоа значи дека ќе има доволно средства и за пензионерите, и за вработените во администрацијата, но и за бизнисот и за здравството.

– Конкретно, со ребалансот се обезбедуваат над 4 милијарда денари дополнителни средства за исплата на плати – нагласи министерката Димитриеска-Кочоска.

Според неа, тоа се средства потребни за реализација на преземените обврски за зголемување на платите, согласно со потпишаните колективни договори и законските решенија што беа донесени по усвојувањето на буџетот за 2024 година. Во овој дел се колективниот договор на УКИМ и измената на законите за високо образoвание и научноистражувачката дејност, како и усогласувањето со минималната плата за вработените каде што минималната плата претставува компонента на основната плата.

Усогласување на платите според индексот на трошоците за живот за првите шест месеци од годината, согласно со одредбите од Општиот колективен договор за вработените во јавниот сектор, и ова право ќе биде „исплатено“ со септемвриската плата на вработените.

– Ребалансот предвидува и 5,1 милијарди денари дополнително за исплата на пензии. За корисниците на правото на гарантирана минимална помош, обезбедена е дополнителна финансиска поддршка од околу 800 милиони денари. За здравствена заштита, обезбедени се дополнителни 1,7 милијарди денари, наменети за здравствено осигурување, боледувања и исплата на обврски – вели министерката Димитриеска-Кочоска.

Со ребалансот на буџетот се издвојуваат 6 милијарди денари за проекти во општините. Обезбедени се дополнителни милијарда денари за ТИРЗ, за субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор дополнителни 1,7 милијарди денари, за студентски оброк дополнителни 437 милиони денари, како и 207 милиони денари за исплата на стипендии.