Европските берзи се во благ плус во петокот претпладнето, добивајќи четврти ден по ред и на пат да ги повратат сите загуби од понеделникот, кои беа забележани под влијание на загриженоста на инвеститорите дека САД би можеле да потонат во рецесија.
Паневропскиот индекс Stoxx 600 во претпладневниот пресек од тргувањето порасна за 0,54 отсто, при што сите акционерски сектори се во плус, главно туристички компании, за 1,82 отсто и рударски компании за 1,75 отсто. Од почетокот на седмицата овој индекс сѐ уште е во пад од само 0,02 отсто.
Истовремено, франкфуртскиот DAX индекс зајакна за 0,22 отсто, на 17.719 поени, лондонскиот Ftse индекс за 0,29 отсто, на 8.168 поени, а париски CAC за 0,5 отсто, на 7.283 поени.
За смирување на загриженоста на светските берзи помогнаа вчерашните податоци за бројот на Американци кои аплицирале за бенефиции за невработени минатата седмица, што беше за 17.000 помалку од претходната седмица, што укажува на тоа дека стравувањата од опаѓање на побарувачката на американскиот пазар на трудот се претерани.
Меѓу поединечните акции, најмногу порасна акцијата на „LEG Immobilien“, најголемата германска компанија за управување со недвижности, за пет отсто, откако објави дека забележала намалување на кварталната загуба.