Инфлацијата во Германија повторно порасна во јули по падот во јуни, оставајќи неизвесност околу дополнителното намалување на каматните стапки од страна на Европската централна банка во септември.
Зголемувањето на индексот на потрошувачките цени достигна 2,3 отсто на годишна основа, што е за 0,1 поен повеќе во однос на јуни, објави денеска Федералниот завод за статистика Дестатис.
„Падот на цените на енергијата (-1,7 проценти за 12 месеци) ја намалува стапката на инфлација“, но „сè уште гледаме натпросечни зголемувања на цените на услугите (+3,9 проценти за 12 месеци)“, коментира Рут Бренд, претседател на Дестатис.
Тврдоглавиот раст на цените на услугите, поттикнат од зголемувањето на платите во трудоинтензивниот сектор, спречува побрзо паѓање на инфлацијата кон целта на ЕЦБ од 2,0 проценти.
Стапката на инфлација без храна и енергија остана на 2,9 отсто во јули во Германија, исто како и во јуни, но на ниво далеку над основната инфлација од јануари 2024 година.
Како репер за ЕЦБ, вкупниот хармонизиран индекс на цените порасна за 2,6 отсто на годишно ниво, потврди и Дестатис.
Инфлацијата во еврозоната продолжи со движењето нагоре и надолу во јули, искачувајќи се на 2,6 отсто на годишна основа, по 2,5 отсто во јуни, според Евростат.
Во јули, ЕЦБ ги задржа каматните стапки непроменети по првото намалување во јуни, а нејзината претседателка Кристин Лагард предупреди дека брзината и времетраењето на идните намалувања се „многу неизвесни“ поради нестабилната инфлација.
По летната пауза, Управниот совет на Европската централна банка следниот состанок за монетарната политика ќе го одржи на 12 септември, кога ќе има нови економски прогнози.