Диомидис Николетопулос е дел од Стопанска банка АД – Скопје од 2009 година на позицијата Генерален директор за банкарство на мало, финансиски и оперативни активности. Оваа функција успешно ја извршувал до 2013 година. Во 2013 година е избран за нов Генерален Извршен Директор и Претседател на Управниот одбор на една од најуспешните македонски банки, Стопанска банка АД – Скопје.
Неговата успешна работа во изминатиот период е одлично препознаена од раководството на Групацијата, па како награда г-динот Диомидис Николетопулос е повторно именуван на позицијата Генерален Извршен Директор и Претседател на Управен одбор на Стопанска банка АД – Скопје.
“Согласно Решение бр. 15-22168/10 од 08.8.2024 година, Гувернерот на Народна Банка на Република Северна Македонија издаде согласност на повторното именување на г-дин Диомидис Николетопулос на позицијата Генерален Извршен Директор и Претседател на Управен одбор на Стопанска банка АД – Скопје”, се вели во соопштението на Стопанска банка АД – Скопје објавено на Македонска берза.
Во моментов Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје го сочинуваат:
- Диомидис Николетопулос – Генерален Извршен Директор и Претседател на Управен Одбор;
- Милица Чапаровска – Јовановска – Генерален Директор за банкарство на мало и член на Управен Одбор;
- Бојан Стојаноски – Генерален Директор за управување со ризици и член на Управен Одбор;
Со оглед дека ќе се менува Статутот на најстарата и една од најголемите банки во земјава, Стопанска банка АД – Скопје и наместо досегашните четворица членови, Управниот одбор на оваа банка ќе брои седум членови. Оваа одлука е усвоена на акционерското Собрание кое се одржа на 31.05.2024 година, а која банката ја објави за инвеститорската јавност преку Македонската берза за долгорочни хартии од вредност.
Всушност, акционерите усвоиле статутарна одлука за изменување на Статутот на Стопанска банка АД – Скопје, според која се менува членот 43, и отсега па натаму тој ќе гласи дека: „Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје се состои од седум члена и тоа првиот е Генерален Извршен Директор на банката и Претседател на Управниот одбор, како и шест генерални директори, односно Генерален Директор за корпоративно банкарство, Генерален Директор за управување со ризици, Генерален Директор за банкарство на мало, Генерален Директор за финансии, Генерален Директор за оперативни работи и Генерален Директор за трансформација и стратегија“.
Ова значи дека во периодот кој следува, Стопанска банка АД – Скопје ќе го надополни Управниот одбор со нови четири члена.