Државниот Фонд за осигурување на депозити е нов сопственик на управната зграда на Еуростандард банка, поранешната банка на Трифун Костовски во стечај.
Фондот, кој од неодамна доби нов в.д. директор, Бехар Емини, иако нема никаков вложен депозит во Еуростандард, доби недвижен имот во центарот на Скопје во вредност од 520 милиони денари, односно 8,5 милиони евра.
Според неофицијалните сознанија на „Фактор“, Фондот за осигурување на депозити бил прогласен за најголем доверител во последната одлука на стечајниот судија и со доделувањето на недвижниот имот добил дури 80 отсто од насобраната стечајна маса. Од она што го дознаваме, претходните сопственици на зградата сметале дека Фондот немал право да се намирува од стечајната маса.
Минатата година имаше обид од Пантелеон ГС во наддавање да ја купи зградата за 5,4 милиони евра. Станува збор за македонска аутсорсинг компанија која работи за компании на американскиот пазар. Засега само кружат шпекулации дека зградата може да биде продадена во контекст на една предизборна партиска програма која бара „Банка за Албанците и Албанска академија на науките“.
На прашања од Фактор не добивме конкретен одговор дали, кога и како ќе се продава објектот. Единствено велат дека објектот е добиен согласно авансна распределба на стечајната маса со решение од Основен граѓански суд Скопје и дека „зградата е на штедачите“.
– Фондот е единствена институција која врши обесштетување на депоненти при настанување на ризичен настан, и е специјализирана финансиска институција и нема ист начин на финансирање како останатите државни фондови во нашата земја, туку работи со самофинансирање и има обврска средствата од фондот за сигурност да ги управува само и единствено за обесштетување на осигурените депозити. Со стекнатиот недвижен имот Фондот ќе постапува согласно законската регулатива, гласи одговорот од ФОД.
Обврските за штети во 2024, според планот на ФОД, за обештетување на депонентите во Еуростандард треба да достигнат 352 милиони денари, или околу 5,7 милиони евра.
Минатата година поранешниот сопственик Трифун Костовски изјави дека „по сите параметри“ зградата не може да вреди помалку од 12 милиони евра.
Инаку, Фондот досега на штедачите на Еуростандард банка им исплатил 3,76 милијарди денари или 61,2 милиони евра, како што стои во табелата од Фондот.