Бројот на пензионери се зголемува, а ќе се зголемува и во иднина. Зависноста на државниот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) од Централниот Буџет станува се поголема. Се зголемува и учеството на расходите на ПИОМ во БДП. Сите овие параметри укажуваат дека државниот Фонд за пензисоко осигурување, кој е една од институциите со најголем Буџет, е на “стаклени нозе“. Новата Влада ветува стабилност во исплата на пензии, но како ќе се постигне тоа?

Нови “милиони“ за редовни и зголемени пензии

Годинава од Буџетот на сметката на државиот ПИОМ ќе бидат префрлени фантастични 654.650,406 евра. Оваа сума се предвидува со новиот ребаланс на Буџетот, со прв потпис на новата Влада.

Според податоците од ребалансот, ставката “трансфери до ПИОМ“ е историски највисока надминувајќи 600 милиони евра, непоходни за редовна исплата на пензии.

Вкупниот Буџет пак на државниот ПИОМ за годинава надмина 1.900,000,000 евра. Зголемувањето на државните трансфери е меѓу другото и поради најавата за линеарно зголемување на пензиите за 2500 денари што треба да се случи во септември.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска при објавување на ребалансираниот буџет изјави дека оваа сума што беше ветена пред избори нема да предизвика значаен финансиски притисок, односно дека нема ново оптоварување на Буџетот.

Генезата на податоците за државните трансфери до ПИОМ покажува дека во 2022 година во однос на 2021 година имало намалување на трансферираниот износ, но главно сумата што се префрла на ПИОМ за редовна исплата на пензии, се зголемува.

Токму во последниот објавен ривизорски извештај за Министерството за труд и социјална политика се нотира дека финасиската зависност на пензиското и инвалидско осигурување од државниот Буџет не е одржлив концепт.

“Трансферите до Фондот за пензиско инвалидското осигурување за покривање на тековниот дефицит до 2018 година бележат континуиран пораст, во 2019 година има намалување, додека во последните две години повторно се појавува тренд на зголемување на трансферираните средства, што укажува на зависноста на буџетот на Фондот за ПИО од трансферираните средства од буџетот на Министерството за труд и социјална политика“ – посочија ревизорите.

Зголемувањето на финансиската издашност на државниот ПИОМ е поради два фактори: пораст на бројот на пензионери и пораст на сумата за исплата на пензии. Согласно Законот за ПИОМ, усогласувањето е два пати годишно- на 1 март и на 1 септемри во однос на порастот на трошоците на живот, односно инфлацијата и во однос на порастот на просечната плата. Само лани, кумулативно по основ на усогласување со инфлацијата, пензиите се зголемија за 13,7%.

“Расходите за исплата на пензии во 2023 година изнесуваа 1.268,000,000 евра и во споредба со 2010 година, се зголемени за 126,40%“ се нотира во новиот Извештај на ПИОМ.

На крајот на минатата година просечната пензија на државно ниво изнесуваше 20.195 денари или 328 евра или 50,49% од просечната плата во државата. Но, за разлика од републичкиот просек на пензијата, податоците на „терен“ покажуваат дека дури 60% од пензионерите имаа пензија пониска од 22. 500 денари, а само 12,6 % пак имаа пензија повисока од 36.614 денари односно од 595 евра.

На прашањето дека линерното зголемување на пензиите за 2500 денари ја зголеми сумата за исплата на пензии и со тоа најавено зголемување и догодина ќе значи дека ќе треба да се обезбедат уште повисоки износ на трансфери до ПИОМ во однос на годинава, од Министерството за финасии велат дека со ребалансот на буџетот се обезбедени 5 милијарди денари за исплата на пензиите до крајот на 2024 година.

„Од тие 5 милијарди денари, 2,5 милијарди денари се средства кои се трансферираат дополнително во Фондот за пензиско осигурување заради реализација на најавеното линеарно зголемување на пензиите за 2.500 денари од септември 2024 година, кои ќе бидат исплатени во октомври. Средствата кои ќе треба да се трансферираат до ПИОМ во 2025 година ќе бидат познати по подготовка на Буџетот за 2025 година чиј предлог треба да биде доставен до Владата во ноември, велат за А1он од Министерството за финансии.

 

Извор: А1он.мк