Даночната еднаквост е во срцето на демократијата. Без доволно даночни приходи, владите не можат да гарантираат пружање соодветни услуги, вклучувајќи ги образованието, здравствената и социјалната заштита, и не можат да одговорат на многу поголеми проблеми, како што е климатската криза
Само 3.000 луѓе во светот поседуваат богатство од 14,4 билиони долари, а тоа е 13 отсто од глобалниот БДП. Во 1993 година светските милијардери контролираа помалку од 3 отсто од глобалниот БДП, но оттогаш се забрзува стапката на растот на нивното богатство и политичкото влијание.
Од која земја и да доаѓаат, светските супербогаташи имаат две воочливи сличности. Прво, речиси сите се мажи. Второ, тие вообичаено плаќаат помалку данок (сразмерно со приходите) отколку вработените што ги вработуваат и средната класа во целина. Концентрацијата на богатството е глобален проблем што предизвика на самитот одржан во јули, Г-20 формално да се позанимава со тоа.
По конференцијата во Рио де Жанеиро, одржана на 25 и 26 јули, министрите за финансии на Г-20 усвоија завршна декларација, во која посебно се наведува:
„Важно е сите даночни обврзници, вклучувајќи ги поединците со ултрависока нето-вредност, да плаќаат правичен данок. Агресивното затајување на даноците од страна на богатите поединци може да ја поткопа праведноста на даночниот систем. Спроведувањето ефективна, праведна и прогресивна политика, останува предизвик што би можел да се реши низ меѓународна даночна соработка и насочени реформи“.
Даночната еднаквост е во срцето на демократијата. Без доволно даночни приходи, владите не можат да гарантираат пружање соодветни услуги, вклучувајќи ги образованието, здравствената и социјалната заштита, и не можат да одговорат на многу поголеми проблеми, како што е климатската криза (која почна да дестабилизира голем број земји ширум светот). Неактивноста на овие фронтови има страшни последици, па затоа претставува императив, најбогатите луѓе во светот да плаќаат правичен дел од даноците.
Декларацијата од Рио е важна пресвртница. Првпат од формирањето на Г-20 во 1999 година, сите нејзини членки се согласија дека е потребно да се приспособи начинот на кој се оданочуваат супербогатите и се обврзаа тоа да го остварат. Но, овој консензус не дојде тукутака. Приврзаниците на даночната правда, напорно работеа во месеците што му претходеа на самитот.
Годинава Бразил ја презема претседателската улога на Г-20, а на крајот на февруари министерот за финансии на оваа земја Фернандо Адад ме покани да говорам на состанок од високо ниво во Сао Паоло. Од мене беше побарано да напишам извештај за даночната правичност и оданочување на супербогатите (предмет на мојот труд како основач и директор на Даночната опсерваторија на ЕУ во Париз), а извештајот го поднесов кон крајот на јуни, во пресрет на јулскиот самит. Во извештајот „Предложениот минимален стандард за ефикасно и координирано оданочување на поединците со ултрависоко нето-богатство“ предложив нов даночен стандард, кој вклучува координиран минимален данок од два отсто на богатството на 3.000 светски милијардери. Овој стандард не само што ќе генерира значаен приход (околу 200-250 милијарди годишно) туку би ја поправил и структурната нееднаквост во современите даночни системи, каде милијардерите имаат пониска ефективна даночна стапка од средната класа.
Апсолутното мнозинство од светската популација ја поддржува идејата за праведно оданочување на супербогатите. Според истражувањето на јавното мислење спроведено од Ипсос во јуни, 67 отсто од испитаниците се сложни дека економската нееднаквост е превисока, а 70 отсто се залагаат за принципот богатите да плаќаат поголеми даночни стапки.
Декларација од Рио сигнализира значителна промена. Светските лидери веќе не можат да поддржуваат систем во кој супербогатите плаќаат помали даноци од сите останати. Министрите за финансии веќе се договорија за важните прелиминарни чекори за подобрување на даночната транспарентност, зголемувањето на даночната соработка и идентификување на штетните даночни практики.
Да, немаше консензус околу минималниот данок од 2 отсто и тоа не влезе во конечниот текст. Декларацијата мораше да биде усвоена едногласно, но бројни земји и натаму се сомневаат во некои од аспектите на овој предлог. На пример, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го поддржува воведувањето на минималниот данок за милијардерите дома, но не сака ова прашање да го изнесе на меѓународна сцена.
Враќање на старо, меѓутоа, нема. Минималниот данок е веќе на дневен ред и ако ја земеме предвид историјата на меѓународни даночни преговори, постојат добри причини да бидеме оптимисти за тоа како ќе изгледа предлогот. Г-20 во 2013 година призна дека мултинационалните компании активно ги избегнуваат даноците. Токму тоа е политичкиот поттик за решавањето на проблемот. Првобитниот акциски план бараше зголемување на даночната транспарентност, зголемување на даночната соработка и идентификување на штетните даночни пракси – истиот јазик што сега се користи во Рио. Поминаа неколку години, а во октомври 2021 година 136 земји и територии (сега се 140) го одобрија минималниот данок на приход од 15 отсто.
За среќа, не мораат сите земји во светот да го усвојат минималниот данок од 2 отсто за милијардерите (или за луѓето со богатство од над 100 милиони долари, ако креаторите на политики така одлучат). Само треба да се достигне критичната маса на земји што се согласуваат околу сетот правила за идентификација и вреднување на богатствата на супербогатите, без разлика на нивното даночно престојувалиште. На тој начин можеме да го избегнеме сценариото во кое супербогатите бегаат во даночните раеви и става точка на трката за најнизок понудувач на данок помеѓу земјите кои се натпреваруваат на милијардерите да им понудат најниска даночна стапка.
Меѓународната даночна соработка е значително подобрена во минатите 10 години. На пример, воведувањето на автоматска размена на банкарски информации, значително ја намали можноста за затајување на данок. Веќе имаме алатки што ни се потребни да ги натераме светските милијардери да го платат својот правичен дел од данокот. Сега останува на владите да дејствуваат брзо и ефикасно.
(Авторот е професор на Париската школа за економија и на Универзитетот на Калифорнија во Беркли)