Тоа, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), е зголемување на минималната кошничка за 629 денари во споредба со претходниот месец

За да си ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство во август годинава му се потребни 61 199 денари. Тоа, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), е зголемување на минималната синдикална кошничка за 629 денари во споредба со претходниот месец.

Од ССМ соопштија дека во периодот од јануари до август, минималната кошница е зголемена за 4 036 денари, а од кога се пресметува по новата методологија, односно од декември лани до август годинава за 4 677 денари.

„Податоците покажуваат дека и без зголемување на платите, трошоците за живот вртоглаво растат, за што нема оправдување. Истото никој не се обидува да го спречи, а ги прави граѓаните, работниците и пензионерите уште посиромашни. Податоците од синдикалната кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот“,

велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

Само со зголемување на платите, додаваат од ССМ, може да се зачува животниот стандард и оттука, таквото барање од страна на работниците е оправдано.

Во јули годинава Државниот завод за статистика (ДЗС) измери инфлација од три проценти на годишно ниво.