Префрлени се сто милиони денари на АД Водостопанство за исплата на заостанатите плати, информира попладнево Министерството за земјделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според МЗШВ, се преземаат активности за решавање на проблемите кои ги создала претходната Влада.

– Денеска потпишав договор за исплата на финансиски средства за трансфер на заостанати плати на 509 вработени во АД Водостопанство. Вкупно сто милиони денари се обезбедени за АД Водостопанство. Работиме домаќински за да ја вратиме надежта кај народот за подобра иднина, истакнал министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски при потпишување на договорот за исплата.

Министерот, како што стои во соопштението, го потенцирал сериозниот пристап кој што го има Министерството и Владата и посочил дека во наредниот период во фокусот ќе бидат задоволни земјоделците како и вработените во државните институции.

-За само педесет дена работа, оваа Влада на чело со Премиерот Мицкоски работи посветено во решавање на проблемите кои ги наследивме од претходната Влада, стои во соопштението.