Производителите на житните култури ќе добијат дополнителна субвенција. За пченицата од интервентната програма ќе добијат по 3 денари по килограм, а за јачменот наместо 6 ќе добијат по 12.000 денари за хектар. Целта е да се обезбеди поголемо количество на жито од домашно производство…
Поради повисоките трошоци за производство на пченицата и да се намали зависноста од увоз, преку Интервентната програма ќе се зголеми субвенцијата за земјоделците кои го продале родот кај регистриран откупувач. Тие треба да добијат дополнителни 3 денари за килограм.
Владата донесе одлука за зголемување на субвенциите и за јачмен и наместо досегашните 6.000, производителите ќе добијат 100 процентно зголемување, од 12.000 денари по хектар.
Оваа измена е поради помалите приноси и ниската откупната цена на јачменот од 9 денари за килограм годинава за да се покрие загубата кај производителите на оваа житарица.
Досега од Интервентниот фонд се обезбедени средства за зголемено финансирање на сончогледот, предаден на регистриран откупувач од 5 денари за килограм и за поддршка за откупено винско грозје во висина од 1 денар за бербата од 2023-та година.
Од ресорното министерство најавуваат и финансиска интервенција за производителите на сливи.