Русија се бори против европските санкции со увоз на севернокорејско пиво. Ова е уште една комерцијална интеракција меѓу Москва и Пјонгјанг, кои се предмет на различни меѓународни санкции.

Севернокорејското пиво во Русија ќе го увезува претпријатието „Востокбиртрејд“, регистрирано во јуни во градот Комсомолск-на-Амур на далечната источна Хабаровска територија, пренесува Телеграф.бг. Компанијата ќе увезува два вида пиво од Северна Кореја – „Синбалу 1999“ и „Харбин стајшн“, а вториот бренд е кинески, информира БНР. Неодамна, сајтот на англиски јазик „Дејли НК“, кој следи што се случува во Северна Кореја, објави за зголемено производство на пиво за извоз во одредена фабрика во северниот дел на комунистичката земја.

Целта на извозот е да се направи севернокорејски производ популарен надвор од земјата, како и да биде извор на девизи за економијата, која мора да се справи со огромен број трговски ограничувања поради програмите за оружје на Ким Џонг-ун. Според сајтот, извозното пиво е поевтино од домашното. Русија, која е предмет на санкции поради нејзините акции во Украина, сериозно ги прошири врските со Пјонгјанг.