Шпаркасе Банка и Хајделберг факултет во Скопје, денеска, 5 септември 2024 година, потпишаа Договорот за соработка, со цел банката да ги поддржи најдобрите студенти преку целосна тригодишна стипендија и вработување во банката. Партнерството меѓу двете страни е особено значајно за имплементација и развој на дуалното образование во државата, каде што овие студенти покрај нивните студии на престижниот Хајделберг факултет во Скопје, ќе имаат уникатна и непроценлива можност да го дополнат своето образование со развој на професионални вештини стекнати од финансиските експерти во Шпаркасе Банка, кои ќе бидат нивни ментори преку работа на реални проекти.

Во оваа насока, претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка, Санел Кустурица истакна дека целта на банката е да се вклучи во сите активности со значителен импакт врз иднината на младите, какви што се иновирање на работните процеси, инвестирање во развој на вештините на вработените и вложување во нивните потенцијали. Преку ова партнерство, им се дава исклучителна поддршка на младите студенти преку нивното образование на Хајделберг факултетот, како и можности за вработување во банката. Претседателот на Управниот одбор на Шпаркасе Банка Санел Кустурица изјави дека овие иницијативи, кои се дел од платформата „Sparkasse Life“, покрај тоа што придонесуваат за личен и професионален развој на младите, создаваат и темелни основи за долгорочен успех и иновација во финансискиот сектор.