Денес истекува рокот во којшто општините треба да го пополнат апликативниот формулар за јавниот повик за реализација на проекти во вкупна вредност од 250 милиони евра што го распиша Министерството за локална самоуправа.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува овој процес да заврши успешно. Како што рече, само во текот на вчерашниот ден апликации поднеле 10 до 12 општини.

– Во текот на вчерашниот ден имаше некаде околу 10 до 12 општини коишто веќе ги поднеле своите апликации. Очекувам денеска тој процес да забрза и утре да заврши успешно. Потоа следи евалуација на истите, да видиме со што располагаме и потоа започнуваме со реализација на ветеното – рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во Владата.

По добивање на апликативните формулари, почнува процесот на евалуација која се очекува да заврши во рок не подолг од 10 дена и врз основа на истата, ресорните министерства изготвуваат предлог одлука кои проекти ќе се финансираат од нивна област и таа предлог одлука се доставува на усвојување на владина седница.

Парите ќе се доделат преку 6 ресорни министерства и тоа: Министерството за култура и туризам, Министерството за транспорт, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование и наука, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за спорт.

За следење на целиот процес, како што изјави неодамна на прес-конференција министерот за локална самоуправа Златко Перински, формирано е владино координативно тело, коешто ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства.