ЛОЗАРИТЕ ОД ТИКВЕШКО БАРААТ ДА СЕ ПРОГЛАСИ ЕЛЕМЕНТАРНА НЕПОГОДА

Лозарите од Тиквешко што имаат лозови насади што не се под систем за наводнување, бараат сушата што го зафати оваа година регионот да се прогласи за елементарна непогода и да добијат отштета за намалениот род на лозјата.

Велат дека сушата им зела данок од родот, во висина од педесет до сто проценти, зависно од сортите грозје и од местоположбата на лозовите насади. Според нив, најголеми последици од климатските промени има во месностите Овчка Река и Белград, како и во атарите на селата Бегниште, Ресава и Дреново.

Кавадарчанецот Диме Соколов е само еден од оние кои претрпеле штети од сушниот период.

– Има многу производители на грозје што нема да влезат за берење грозје на лозовите плантажи, што се вели, бидејќи од гроздовите останаа само сувите дршки. Гроздовите зрна се целосно испиени од сушата. Имам 33 декари под лозје, од кои дури 27 на суво. Штетите во моите ниви се движат од околу 50 до близу 70 проценти – подвлече Соколов.

Тој се пожали дека уште пред околу 25 години им било ветувано дека во месностите надалеку познати по убавото грозје, Овчка Река и Белград, ќе се донесе вода за наводнување, а многу од лозаропроизводителите верувале во тие ветувања и зеле кредити за подигање лозови насади.

– Многумина од нас ризикуваа, се задолжија со кредити, а вода не добивме – додаде тој, апелирајќи да се слушне нивниот глас и, конечно ,да се размислува да се донесе вода за наводнување и таму, каде што засега нема можност за наводнување на земјоделските површини.

Дека лозарите се пожалиле оти сушата предвреме им „обрала” дел од родот, потврди и Ѓорѓи Ајтов, советник во подрачната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството во Неготино.

– Има и такви што барајќи спас од сушата, инвестираа во купување мали цистерни, па кога имаше потреба од наводнување, ги полнеа цистерните со вода од каналите за наводнување, па носеа вода до лозјата. Мачно е, ама тоа се обиди да се спаси родот. Инаку, во најсушните периоди и енормно високи температури, има штети дури и кај лозовите насади под систем за наводнување, кај грозјето директно изложено на сонце, иако значително помалку отколку кај лозјата на суво – додаде Ајтов.

Јован Златевски, претседател на Сојузот на здруженија на лозари со седиште во Кавадарци и на потсекторската група за лозарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, најави дека ќе свика состанок на потсекторската група со точка на дневен ред прогласување елементарна непогода од суша и обесштетување поради намален род на грозјето.

Златевски рече дека евидентно е намален приносот во лозјата поради сушата, но додаде дека точното потфрлување во родот ќе се знае откако ќе се направат проценките на терен.

– Ќе барам на состанокот да се расправа и за уште еден проблем со кој се соочија лозарите оваа гроздоберска сезона. Имено, иако одделни откупни пунктови на откупните белешки им ја пишуваа точната шеќерност на откупеното грозје, при исплатата на парите, не го зедоа тоа предвид, па им даваа на лозаропроизводителите загарантирани минимални цени за килограм грозје. Ќе бараме од надлежните да се интервенира и тие откупувачи да плаќаат според шеќерните единици, како што е според закон – истакна Златевски.