Законот за унгарскиот заем од половина милијарда евра помина во Собрание. Власта очекува финансиска инјекција за стопанството, опозицијата критикува за нетранспарентност.
Изгласан е законот
Со 65 гласа „за“ Собранието го донесе Законот за задолжување од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка. Против Законот гласаа 15 пратеници, а „воздржани“ немаше.
Едночасовна дискусија
На гласањето му претходеше едночасовна дискусија. Пратениците од опозициската СДСМ го критикуваа законот и укажуваа на корупција и нетранспарентност. Од друга страна, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го бранеа заемот и рекоа дека истиот ќе внесе свежи пари во економијата и ќе помогне во развојот на општините.
Со унгарските пари ќе се помагаат општините и стопанството
Парите од владата на Унгарија, како што најави премиерот Мицкоски, а обелодени пратеникот Стојаноски ќе бидат за три главни намени: Дел од средствата ќе одат за сервисирање на буџетот, дел ќе биде наменето за стопанството и дел ќе биде за проектите од општините.
Битиќи се противи
„Ова ново задолжување од 500 милиони евра директно ја загрозува макроекономската стабилност на државата и дополнително ќе го оптовари јавниот долг, кој веќе се движи на опасни нивоа. Недостигот на транспарентност околу условите на овој заем, заедно со неговата геополитичка природа, укажува на намери кои не се само економски, туку и политички мотивирани, ставајќи ја државата во директна зависност од надворешни актери со ерозивни агенди“, рече Битиќи.
Петрушевски му реплицираше на Битиќи
Очигледно е дека после дебаклот на последните избори СДСМ тотално го загуби правецот на делување и тоа се гледа во последните нивни политики, возврати пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски од собраниската говорница. Петрушевски истакна дека е срамота за еден поранешен вице премиер за економски прашања, обраќајќи му се на пратеникот Фатмир Битиќи, да излегува на говорница и да критикува за некакво задолжување, најпрвин од причина што во негово време, неговата влада го дуплира јавниот долг на Република Македонија од 4,7 милијарди евра на 8,9 милијарди евра.
Законот во собраниска процедура се најде минатата недела, а стана дел од дневниот ред на 14 седница на предлог на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ. Воедно беше изгласана и потребата тој да се носи по скратена постапка.