Градење институционални капацитети кои ќе го поддржат развојот на бизнис ангелите во земјава и посебна правна рамка што целосно ќе го дефинира овој концепт, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што рече, бизнис ангелите не се само извори на финансирање, туку и катализатори за иновации и економски раст. Нудат “паметни пари”, искуство, експертиза и обезбедуваат капитал за малите и средните претпријатија во клучните фази од нивниот развој, кога традиционалните финансиски институции често не сакаат да го сторат тоа.

-И покрај големиот потенцијал, концептот на бизнис ангелите во земјава не е доволно развиен. Многу претприемачи не се целосно свесни за можностите што ги нуди овој концепт, а законската рамка се уште соодветно не ги поддржува. Ова е празнина што Владата ќе ја реши. За да ја подобриме состојбата, прв чекор е создавање поволна правна средина, напомена Дурмиши.

Законот што се изготвува, објасни, ќе дефинира кој може да стане бизнис ангел, под кои услови може да работи, кои се придобивките и процедурите. Наведени ќе бидат даночните и другите олеснувања на кои ќе имаат право бизнис ангелите. Донесувањето на оваа законска рамка е од клучно значење не само за охрабрување повеќе поединци да станат бизнис ангели, туку и за обезбедување транспарентност и одговорност во овој процес, потенцира министерот.

Тој укажа и дека е голема улогата на бизнис ангелите во поддршката на претприемништвото, иновациите и економскиот раст.

– Тие се поединци кои не само што постигнале финансиски успех, туку и акумулирале драгоцено искуство и знаење во текот на нивните кариери. Сега се подготвени да ги инвестираат и своето богатство и мудрост во нови потфати, истакна Дурмиши.

На Меѓународната конференција „Бизнис ангелите и претприемачки екосистем во Северна Македонија” се обрати и  првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.