Кинескиот производител на автомобили Changan ги објави плановите за изградба на сопствена фабрика за склопување електрични автомобили во Европа.
„Европскиот пазар игра клучна улога во растот. Во блиска иднина, во Европа ќе се одржи презентација на нови модели напојувани со алтернативни извори на енергија, што ќе ни помогне да го зајакнеме нашето присуство во регионот“, се вели во соопштението на компанијата.
Компанијата ќе ја отвори својата прва фабрика за монтажа на автомобили во странство во Тајланд во првиот квартал на 2025 година, по што ќе следат фабрички проекти во Јужна и Централна Америка, како и во Европа, пренесува Комерсант.
Како што додава рускиот весник, почетокот на производството во Европа треба да се гледа во контекст на неодамнешната одлука на Европската унија да ги зголеми тарифите за електричните возила произведени во Кина.
Компанијата Чанган планира да ја зголеми годишната продажба на глобалниот пазар на пет милиони автомобили до 2030 година, од кои околу 1,2 милиони автомобили ќе бидат наменети за извоз.