Глобалната рејтинг агенција „Стандард и Пурс“ (S&P Global Ratings) го намали кредитниот рејтинг на Град Скопје од „ББ-“ на „Б+“ со стабилен изглед, што е второ надолно ревидирање за период од една година. Имено, „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека агенцијата во септември минатата година го ревидираше кредитниот рејтинг на град Скопје од „ББ-“ со стабилен изглед, на „ББ-“ со негативен изглед, пишува Блумберг Адриа.

Во образложението за новото намалување на рејтингот, од „Стандард и Пурс“ велат дека Град Скопје продолжи да акумулира заостанати долгови кон добавувачите во текот на 2024 година, при што вкупниот долг пораснал од 450 милиони денари (7,3 милиони евра) на крајот на 2023 година на речиси 700 милиони денари (11,3 милиони евра) заклучно со јуни годинава.

Оттаму додаваат дека Град Скопје располага со ликвидни средства со кои може да покрие околу половина од акумулираните обврски и отплатите на главнината на долгот во следните 12 месеци, додека не е во можност да се задолжува, со оглед на конфронтацијата меѓу градоначалникот и градскиот совет.