Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши изјави дека со оваа мерка се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалаци да се намалат во просек за околу 10 отсто

И покрај најавата дека за ова прашање ќе се расправа следната недела, Владата денеска одржа вонредна седница на која, на предлог на Министерството за економија и труд, донесе одлука за ограничување на бруто-профитната маржа на дел од основните прехранбени производи за 10 отсто во трговијата на мало и на големо.

На листата на т.н. есенска кошничка се 73 производи меѓу кои – леб, тестенини, брашно, пекарски производи како бурек и банички со месо и сирење, млеко и млечни производи, месо и преработки од месо, дел од овошјето и зеленчукот, ориз, грав, масло за јадење и дел од конзервираните производи.

„Трговците за производите кои се вклучени во есенската кошница и се поставени на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да ги обележат со натписот ‘помалку трошоци, повеќе за тебе’ кој е објавен на веб-страницата на Министерството за економија и труд. Исто така, трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска за да ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70 отсто од прибавените количини во месец август 2024 година од овие производи на листата“,

изјави министерот Бесар Дурмиши на денешната прес-конференција.

Одлуката стапува во сила од денот по објавување во „Службен весник“, а ќе важи до 31 октомври.

Министерот за економија изјави дека со оваа мерка се очекува трошоците за храна и безалкохолни пијалаци да се намалат во просек за околу 10 отсто.

Листата на производи чии маржи се ограничуваат ја пренесуваме во целост:

  • ориз бел во пакување од 900г до 1кг;
  • брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;
  • бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
  • печени пекарски производи (ѓеврек обичен, бурек со месо и сирење, баничка со месо и сирење, симит-погача и лисната кифла, обична и со сирење);
  • бисквити, „Petit Beure” и бисквити обични од 300гр до 500 гр;
  • тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица без и со јајца од 500 гр (без додатоци).;
  • масло за јадење од сончоглед, во пакување од 1 литар;
  • месо, јунешко, без коски, од бут или некој друг дел;
  • месо, свинско, без коски, од бут или некој друг дел;
  • пиле (свежо и замрзнато) цело;
  • пилешки стек (свеж и замрзнат);
  • салама, шункова во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
  • чаен колбас, од свинско месо (без додатоци и без слајс пакување);
  • чаен колбас, од говедско месо (без додатоци и без слајс пакување);
  • пилешка посебна салама во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
  • паштета од џигер или пилешка (кокошја), (без додатоци) во пакување од 95гр и 100 гр.;
  • замрзната риба ослиќ;
  • трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост 2,8%, 3,2% и 3,5% во пакување од 1 литар;
  • јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8% до 3,2% во пакување од 1 литар;
  • кисело кравјо млеко (обично без додатоци) со масленост од 2,8% и 3,2 % во пакување од 400гр до 500 гр;
  • павлака од кравјо млеко, кисела со масленост од 12% до 20% во пакување од 180гр до 400 гр;
  • урда;
  • традиционално кравјо бело сирење (без додатоци);
  • традиционално мешано бело сирење (без додатоци);
  • традиционален кравји кашкавал (без додатоци);
  • традиционален мешан кашкавал (без додатоци);
  • свежи јајца од кокошка, пакување 1/10;
  • масло ,(путер), индустриски произведен (пакување од 250 гр.);
  • маргарин, (обичен), пакуван од 250 гр;
  • јаболка;
  • праски;
  • грозје трпезно;
  • лимони;
  • портокали;
  • банани;
  • исчистени ореви;
  • грав;
  • кромид;
  • компир;
  • морков;
  • спанаќ;
  • зелка;
  • краставици;
  • корнишони;
  • лук;
  • тиквици;
  • боранија;
  • домат;
  • пиперки;
  • карфиол;
  • тиква;
  • модар патлиџан;
  • леќа;
  • магдонос;
  • брокула;
  • праз;
  • зеленчук замрзнат (мешавина) во фолија од 450 гр;
  • зеленчук замрзнат од пченка, во фолија од 450 гр;
  • зеленчук замрзнат од грашок, во фолија од 450 гр;
  • боранија замрзната, во фолија од 450 гр;
  • маслинки, црни;
  • грашок конзервиран во пакување од 400гр;
  • ајвар од печени пиперки, тегла до 660 гр;
  • краставички, конзервирани, тегла до 720 гр;
  • печурки маринирани (сецкани), тегла до 720 гр;
  • шеќер кристал бел;
  • џем и мармалад;
  • чоколадо млечно обично, во пакување од 100 гр;
  • кечап;
  • мајонез во тегла од 660 гр;
  • зачин (вегета, зачинал и слично);
  • кафе пржено мелено пакувано од 200гр;
  • сок кашест (матен) овошен од разно овошје во тетрапак од 1 литар.