Приклучувањето кон ЕУ од аспект на земјоделството ќе донесе предизвици, но и многу можности. Мора да обезбедите одржливост на секторот, вашите синџири на исхрана треба да бидат конкурентни на европскиот пазар, но и во современите економии. Мора да ја подготвите јавната администрација преку засилување на контролните структури и управувањето, да осигурате дека тие ќе бидат целосно во согласност со принципите на доброто владеење. Овие принципи се многу важни за да се управува со фондовите на ЕУ, порача денеска еврокомесарот за земјоделство Јануш Војчеховски.

Во обраќањето на министерскиот состанок што се одржува во Скопје, Војчеховски потенцира дека проширувањето на ЕУ е повторно вратено на агендата.

– Сега, повеќе од кога било, мора да работиме заедно, мора да продолжиме со заедничките напори. Политичките упатства на Европската комисија укажуваат на моралниот политички геостратешки императив за комплетирање на Унијата, истакна Војчеховски.

Според него, упатствата укажуваат и дека ќе се претстави политика за претпроширување со која ќе биде опфатена и безбедноста на храната. Ќе биде подготвена, рече еврокомесарот, и новата визија за земјоделството и храната, која треба да се усвои во првите 100 дена од новиот состав на Комисијата, за да може да се обезбеди долгорочна конкурентност и одржливост на агро секторот.

Војчеховски се осврна и на ИПАРД. Потсети дека оваа Програма е корисна алатка за поддршка на земјоделството, но, како што подвлече, не може да функционира ефикасно без силна, квалитетна администрација.

– Мора да се погрижите потребните ресурси да бидат достапни. Не можам да истакнам колку е важно да се изгради и одржува администрација која ќе биде соодветно искусна и која ќе ја имплементира поддршката на ЕУ за да се овозможи цврсто финансиско управување. Ова е клучно за да се постигнат саканите цели, кај кои се забележува доцнење. Имајте на ум што работите сега, зашто тоа ќе го трасира патот во иднина за заедничката земјоделска политика во вашите земји, рече Војчеховски.

Треба да се зголемат, нагласи, сите напори за да се апсорбираат финансиските ресурси кои навремено ќе се искористат за поддршка, а од ИПАРД 2 да се научи лекцијата.

Во однос на храната и земјоделството, земјава, напомена, мора да направи напори за да ја усогласи легислативата со европската за да се применат европските стандарди и да се зголеми климатската отпорност, како и одржливоста на земјоделството.

Состанокот го отвори министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски кој рече дека земјава многу ја цени поддршката од ЕУ.

Теми на состанокот се Берлинскиот процес, претстојната реформа на Заедничката земјоделска политика на ЕУ, безбедноста на храната, ИПАРД и регионалната соработка.

Преку разговор, ќе се донесат и одлуки, најави Трипуновски, за реформите во земјоделството и руралниот развој.