Не е прифатена понудата на Комерцијална банка за преземање на Стопанска банка Битола која и натаму ќе продолжи да работи како самостојна банка. Епилогот дојде откако мнозинскиот дел од акционерите на битолската банка реши да не ја прифати понудата.
Како што соопштија од Комерцијална банка преку Македонската берза, понудата за преземање била прифатена од 149 (сто четириесет и девет) сопственици на обични акции со право на глас, кои поседуваат вкупно 176.154 обични акции, односно 45,0548 отсто од сите акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
-Понудата за преземање се однесуваше на сите 390.977 обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола, посочија од Комерцијална банка.
Во Понудата за преземање, прагот на успешност, односно најмалата количина обични акции која требаше да биде прифатена за да се смета за успешна понудата за преземање беше определена на 261.956 обични акции со право на глас, што претставува 67 отсто плус 1 акција од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола.
-Со оглед на тоа што прагот на успешност не е постигнат, понудата за преземање на Стопанска банка АД Битола од страна на Комерцијална банка АД Скопје се смета за неуспешна. Причина за неуспешност е тоа што не се изјаснија позитивно по однос на понудата на Банката доволен број акционери кои поседуваат обични акции со право на глас, односно во законски утврдениот рок до 22.09.2024 година не дадоа Изјава за прифаќање на понуда за откуп по цена од 3.200 денари по акција. Комерцијална банка АД Скопје на акционерите на Стопанска банка АД Битола им посакува успех во понатамошното работење, се вели во ценовно чувствителната информација доставена до Берзата од страна на Комерцијална банка.
Комерцијална банка на 26 август официјално ја објави понудата и проспектот за преземање на Стопанска банка Битола при што беше понудена цена од 3.200 денари за една акција. Инаку, Понудата за преземање се однесуваше на сите акции издадени од Стопанска банка Битола со право на глас. Станува збор за вкупно 390.977 обични акции кои ги има издадено Стопанска банка Битола и кои се во посед на нејзините акционери.
Инаку, според Проспектот за преземање на Стопанска банка Битола, во оваа банка десетте најголеми акционери поседуваат вкупно 57,21 отсто од акциите. Најголем акционер во Стопанска банка Битола е Друштвото за производство и трговија Пелистерка ад Скопје кое поседува 16,99 од акциите на банката.
По 4,99 отсто поседуваат лицата Трајан Масалковски и Тони Јосифовски, а нешто помалку, 4,93 отсто Ненад Јосифовиќ. Потоа, следуваат ДПТУУ Тимох ДОО Скопје со 4,86 отсто од акциите, Друштвото за производство, трговија и услуги Орка холдинг ад Скопје со 4,68 отсто, Друштвото за производство и услуги НЕТ-Електроникс Владимир ДООЕЛ Скопје со 4,15 отсто, Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата извоз-увоз со 4,10 отсто, потоа Друштво за градежништво трговија и услуги Бест веј инвестмент ДООЕЛ Скопје со 3,85 отсто и лицето Русе Иљоски со 3,67 отсто од акциите.
Во интервју за Фактор на 22 август, првиот човек на Комерцијална банка, Хари Костов изјави дека нема да има дополнителна понуда за акционерите на Стопанска банка Битола.
-Понудената цена од 3.200 денари по акција ќе биде прва, последна и единствена понуда од Комерцијална банка. Нема да има никакво зголемување или намалување на понудената цена или на прагот на успешност, потенцира Костов.