Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека проблем со државниот буџет нема.

Добар дел од големите индустриски капацитети се пред нов финансиски удар. Државата им должи поврат на Данок на додадена вредност повеќе од 100 дена.

Дел од бизнисмените на неколку пати последниов период се пожалија во нашата редакција за овој проблем, но сака да останат анонимни, бидејќи стравуваат од инспекциските служби за кои велат дека им се се почести гости во нивните канцеларии.

Оваа информација ја потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој уверува дека проблем со државниот буџет нема.

„Откако ќе бидат сите проверени бидејќи досега на фантом фирми се исплаќани милиони евра поврат ДДВ, а потоа истите фирми се отуѓувани на граѓани од една од околните земји кои не постојат и потоа тие фирми се згаснуваат, а парите на граѓаните завршуваат најчесто кеш и на тој начин буџетот се празнел со десетини милиони евра. Повеќе нема на такви фантом фирми да се исплаќаат поврати на ДДВ. Ќе се исплаќаат откако ќе подлежат на строга контрола и во рамки на законскиот рок.“ – рече Мицкоски.

Доцнењето на повратот на ДДВ за компаниите е проблем со кој редовно се соочува стопанството. Во овој случај, нашите информации се дека кај малите и средни фирми нема проблем, односно кај поголемиот дел од нив редовно добиваат поврат на ддв од државата. Фабриките и останатите големи компании чекаат сериозни суми за поварт и токму кај нив е доцнењето.