Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) веќе е на терен на цела територија на Македонија со повеќе од 40 тимови или повеќе од 120 инспектори, ротирани во различни градови, и врши проверка дали се почитува одлуката на Владата за ограничени профитни маржи за основните прехранбени производи, порача денеска директорот на ДПИ Горан Трајковски.
Денеска тимовите на ДПИ ги контролираат големите маркети на цела територија на државата, од утре ќе ги контролираат малите маркети и бурекчилниците, а од задутре трговците на големо. Ќе проверат и дали во изминатиот период намерно биле покачени цените на производите.
-Апелирам до трговците на мало и на големо да ја почитуваат одлуката на Владата и да не се обидуваат на било каков начин да ја заобиколуваат. Вчера бев на терен и видов дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно одлуката и нејзината примена. Затоа денеска сме на терен и ќе постапуваме по законските прописи и секој што не ја почитува одлуката денеска ќе биде казнет, а доколку има потреба во иднина ќе затвориме и дел од објектите што не ја почитуваат одлуката. Трговците на мало сега имаат залихи по влезните фактури кои ги земале од трговците на големо претходно и треба да ги потрошат тие залихи, па од новите залихи што ќе ги земат за време на важењето на одлуката да видиме дали и трговците на големо ги почитуваат одредбите за заработка до 10 проценти – рече Трајковски на денешната прес-конференција.
Прецизира дека одлуката на Владата се базира на ограничување на бруто профитна маржа на 10 проценти кај трговците на мало и на големо и посочи дека со неа се опфатени и бурекчилниците, но според Законот за трговија, член 3.
-Тоа значи дека доколку трговецот на мало претходно одел со бруто профитна маржа од шест проценти нема обврска да го намали дополнително производот зошто е во рамките до 10 проценти. Има трговци кои ги зголемиле над 10 проценти, но има и кои ги задржале цените. Затоа граѓаните може да видат дека одредени продукти се со иста цена од пред донесување на одлуката. Претходно се одеше со замрзнување на цени од датум од пред три месеци со намалување на цените за 10 проценти. Затоа тогаш граѓаните можеа да видат дека секој производ е намален, но сега има 10 до 20 проценти на производи кои не се намалени. Сепак, јасно мора да бидат означени со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“ за потрошувачот и граѓанинот точно да знае кој производ е опфатен со одлуката – појасни Трајковски.
Нагласи дека вчера во маркетите не видел никаков обид да се означат производите со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Владата со ограничувањето на профитните маржи на околу 70 основни прехранбени производи очекуваше нивните цени да се намалат за 10 отсто. Согласно одлуката на Владата, трговците требаше да ги обележат намалените производи со ознаката „помалку трошоци, повеќе за тебе“.