Банките во Србија минатата година реализираа нето добивка повеќе од 60 милијарди динари, што е околу половина милијарда евра, според весникот “Политика”. Оваа добивка на банките е најдобра во последните десет години, односно од почетокот на глобалната економска криза, а беше остварена и покрај драстичното намалување на каматните стапки, се вели во весникот.

 

 

Се додава дека на врвот на листата на банки со најголеми заработувачки, картите се малку измешани. Највисоката добивка од 12 милијарди динари или околу 100 милиони евра, беше реализирана од АИК Банка. Таа за една година речиси тројно го зголеми профитот, со што од четвртото место во 2016 година, се искачи на првото во 2017 година.

“Банка Интеса”, која со години беше на првото место, беше тргната од престолот  и се најде на второто место. Ова, сепак не значи дека нејзината заработка е пониска. Финансискиот извештај покажува дека минатата година заработила 11,8 милијарди динари или околу 98 милиони евра, што е за една петтина повеќе отколку во 2016 година”, вели Политика.

На трето место е Комерцијална банка Београд, чија добивка изнесува 8,1 милијарди динари или околу 67 милиони евра, потоа следи “Сосиете женерал” со профит од 6,6 милијарди динари или околу 55 милиони евра, “Уникредит” и “Рајфајзен” банка со профит сличен како и “Сосиете женерал” од 6,6 милијарди динари.