Германската економија ќе порасне многу послабо од очекуваното во 2025 година, процени групата водечки економски институти, малку намалувајќи ја прогнозата за оваа година, која сега покажува маргинален пад на активноста.
За 2025 година, институтите сега предвидуваат економски раст од само 0,8 отсто, намалувајќи ја прогнозата од март за 0,6 процентни поени.
Годинава, според последната проценка, економијата треба да се намали за 0,1 отсто, по падот од 0,3 отсто во 2023 година, пресметаа истите извори. Уште пред шест месеци за годинава предвидуваа слаб раст на активноста од 0,1 отсто. Од март минатата година, тие ја намалија проценката за 2024 година за цели 1,4 процентни поени.
Во 2026 година, според нивната прва проценка, активноста треба да расте со стапка од 1,3 отсто, се вели во извештајот преставен во четвртокот.
Прогнозите беа составени од Институтот за економски истражувања Ifo од Минхен, Берлинскиот институт DIW, Килскиот институт за светска економија (IfW), Институтот за економија Хале (IWH) и Институтот Лајбниц (RWI) во Есен.
„Покрај падот на активноста, германската економија е оптоварена и со структурни промени“, вели Џералдин Дани-Кнедлик од DIW.
„Декарбонизацијата, дигитализацијата и демографските промени, заедно со посилната конкуренција од компаниите од Кина, поттикнаа процеси на структурно прилагодување што ги намалуваат изгледите за долгорочен раст на германската економија“, додава Дани-Кнедлик.
Структурните промени и економскиот пад особено ја погодуваат индустријата, според предвидувањата на групата институти.