Инфлацијата во Франција забави под 2% за прв пат по повеќе од три години, засилувајќи го ставот дека Европската централна банка (ЕЦБ) треба да го забрза темпото на намалување на каматните стапки.
Потрошувачките цени во втората по големина економија во еврозоната се зголемија за 1,5% на годишно ниво во септември, забавувајќи се од 2,2% пријавени во август. Ова главно се должи на падот на цените на енергијата, објави во петокот агенцијата за статистика „Insee“. Бројката беше далеку под просечната прогноза од 1,9% во анкетата на „Bloomberg“ меѓу аналитичарите.
Трендот е сличен и во Шпанија, каде што инфлацијата забави на 1,7% од 2,4% – главно поради падот на цените на горивата и во помала мера електричната енергија и храната. Аналитичарите очекуваа 1,9%.
Заладувањето на инфлацијата во 20-члениот блок и овозможи на ЕЦБ да ја намали својата депозитна стапка двапати оваа година, при што повеќето централни банкари се за постепено олеснување на монетарната политика. Сепак, изненадувачката контракција во приватниот сектор ги поттикна облозите дека олеснувањето наскоро ќе се забрза.
По податоците од петокот, пазарите ги зголемија облозите за ново намалување на трошоците за задолжување за четвртина поен на 17-ти октомври, со што сега веројатноста за такво сценарио е 70%.
Сепак, ЕЦБ предупреди дека растот на цените во регионот веројатно повторно ќе се забрза подоцна оваа година, со тоа што повлекувањето назад кон целта веројатно нема да биде целосно завршено до крајот на 2025-та година.
Централните банкари ќе добијат појасна слика за ситуацијата во наредните денови. Италија и Германија ќе ги објават податоците за инфлацијата во понеделник, а извештајот за потрошувачките цени во еврозоната ќе биде објавен во вторник.
За банката со седиште во Франкфурт, главните податоци за инфлацијата заминаа на задното место на читањата на ценовните притисоци во услужниот сектор, кои надминаа 4% во август и честопати се наведуваат од страна на јастребите како причина за претпазливост при намалувањето на стапките.