На Европа ѝ се потребни поголеми и посилни банки кои можат да се натпреваруваат со кредитните институции во САД и Кина, изјави претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард на сослушувањето на Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент, објавија Ројтерс и АФП.
Забелешките на Лагард следеа по извештаите за разговори за можно спојување на германската банка „Комерцбанк“ и италијанскиот „УниКредит“. Италијанскиот кредитор неодамна ги зголеми влоговите во „Комерцбанк“ на повеќе од 21 отсто, најавувајќи дека планира да продолжи да купува акции додека уделот не достигне 29,9 проценти.
Сепак, евентуалното спојување наиде на отпор и од германската банка и од мнозинството политичари во Берлин. Според Лагард, консолидацијата е во најдобар интерес на Европа и приватниот сектор треба да одлучи дали ќе продолжи со слични трансакции.
„Прекугранични спојувања – банки кои всушност можат да се натпреваруваат во обем, длабочина и опсег со други институции ширум светот, вклучително и американските и кинеските банки – мислам дека се пожелни“, рече Лагард пред комисијата на ЕП, додавајќи дека нејзините коментари не треба да се сфатат како директно мешање во конкретна трансакција.
Во врска со инфлацијата, Лагард рече дека Европската централна банка е сè поуверена дека инфлацијата ќе се случи и тоа треба да се одрази во претстојната одлука за стапката во октомври.