Стапката на сиромаштија во Аргентина се искачи на речиси 53 проценти во првите шест месеци од претседателствувањето на Хавиер Мајли, што е остар доказ за тоа како строгите мерки за штедење на екстремно десничарскиот политичар влијаат врз населението.

Новата стапка на сиромаштија, објавена во четвртокот од владината агенција за статистика, е највисока во последните две децении, кога земјата излезе од катастрофалната економска криза.

Овие податоци покажуваат дека во текот на оваа година 3,4 милиони Аргентинци биле турнати во сиромаштија.

Откако ја презеде функцијата во декември, „анархокапиталистот“ кој водеше кампања со моторна пила во рака, симболично покажувајќи ги кратењата што ги најави, ја намали јавната потрошувачка во обид да ја скроти хроничната инфлација и да го елиминира буџетскиот дефицит, пишува Гардијан.

Неговата администрација ги замрзна пензиите, ја намали помошта за народните кујни, ги намали програмите за социјална помош и ги запре сите проекти за јавни работи.

Десетици илјади државни службеници се отпуштени, намалените субвенции за енергија и транспорт ги зголемија трошоците, а куповната моќ значително се намали.

Карстен Санбрук, експерт за Латинска Америка на Лондонската школа за економија и политички науки, истакнува дека никогаш не видела толку голем скок на стапките на сиромаштија.

„Оваа нова економска програма не ги штити сиромашните. Скокот е апсолутно застрашувачки“, рече таа.

Сепак, кратењата на Мајли ги поздравија инвеститорите и Меѓународниот монетарен фонд, на кој Аргентина му должи 43 милијарди долари.

И месечната инфлација се намали од околу 26 отсто во декември на околу 4 отсто во јуни.

Сепак, годишната инфлација сè уште е една од највисоките во светот и надминува 230 проценти.

Марија Клаудија Алборноз, работничка од Санта Фе, вели дека владата „провоцирала ситуација на очај“.

„Го чувствуваме во фрижидер, празен и исклучен. Парите навистина не вредат апсолутно ништо. Имаме три работни места и тоа не е доволно“, вели Алборноз.

Меѓу погодените е и 33-годишната Каталина, која работи во Министерството за правда и минатата недела ѝ било кажано дека наскоро ќе ја изгуби работата.

„Минатата недела беше кажано дека до крајот на оваа година ќе останеме без работа. Од 2.500 вработени, освен неколку „среќници“ на кои за половина од парите ќе им биде понудено да го продолжат истото работно време, сите остануваат на улица. Со месеци барам друга работа, но работа нема. Не знам како ќе успеам. Страшно е“, вели таа.

Иако популарноста на Мајли останува висока, се чини дека поддршката од јавноста се намалува.

Истражувањето објавено во понеделникот покажа пад од речиси 15 отсто во септември, најголем пад за време на неговата деветмесечна администрација.

Неодамнешните анкети покажаа дека загриженоста за инфлацијата е надмината од стравот од губење на работни места и сиромаштија.

Претседателскиот портпарол на Мајли рече дека владата „наследила катастрофална ситуација“ од претходните левичарски влади.

„Тие не оставија на работ да бидеме земја каде во суштина сите нејзини жители се сиромашни. Секое ниво на сиромаштија е страшно. Правиме се, се за да ја промениме оваа ситуација“, изјави Мануел Адорни.

Повеќето Аргентинци живеат во сиромаштија