Не е работа на Европската централна банка (ЕЦБ) да ги запре големите прекугранични спојувања на банки во Европа, изјави шефот на банкарската супервизија, Клаудија Бух, цитирана од Ројтерс. Нејзините зборови доаѓаат во време кога германската „Комерцбанк“ се обидува да ги одврати обидите италијанскиот „УниКредит“ да ја купи оваа банка, наведува агенцијата цитирана од БТА.
„Работата на супервизорот не е да застане на патот на прекуграничната банкарска интеграција“, рече Бух за време на конференција во Рига.
„Сè што можеме да направиме во рамките на нашите овластувања е да обезбедиме прекуграничната активност да не биде попречена“, додаде таа без да спомене банка по име. Некои германски политички кругови се надеваат дека ЕЦБ, која мора да го одобри договорот, би можела да го блокира. Но високи претставници на банката, вклучително и претседателката Кристин Лагард, јасно ја истакнуваат поддршката на банкарската консолидација во рамките на ЕУ.
„УниКредит“ минатата недела почна преговори за преземање на „Комерцбанк“, откако значително го зголеми својот удел во германската банка, предизвикувајќи критики и кај самата банка и кај јавноста. Зборувајќи заедно со Бух, гувернерот на Централната банка на Латвија и член на Одборот на директори на ЕЦБ Мартинс Казакс ја критикуваше „тенденцијата да се носат одлуки само од национална перспектива“ и посака Европа да добие поголеми банки кои би можеле да се натпреваруваат на глобално ниво.