Премиерот Мицкоски е изненаден од изјавата на претседателката на организацијата на работодавачи Трајковска дека Владата во првите 100 дена не направила буквално ништо за бизнисот.
За да види за што станува збор се јавил кај неколкумина бизнисмени од коморите, но тие имале спротивно мислење од она на претседателката. Мицкоски смета дека оценката е дадена без консултација со работодавачите.
И јас се изненадив, да бидам искрен, и велам чекај да се јавам на некој од бизнисмените и стопанските комори. Тие па имаа спротивен став и добро е да ги прашате. А и добро е да прашате зошто претседателката на Организацијата на работодавачи имаше таква позиција без да консултира никој од работодавачите, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Пред неколку дена, кога Владата одбележуваше 100 дена од нејзината работа, Трајковска која ги застапува ставовите на организацијата во која членуваат дел од поголемите работодавачи во земјава на прашањето што за овие три месеци направила владата за нив, рече дека иако имале големи очекувања не е направено ништо.
Се зборувало само за парите кои треба да ги добијат општините и за повисоки плати во администрацијата.
Она што очекувавме беа многу високи очекувања, а не добивме речиси ништо. Очекувавме дека ќе има сенс за бизнисот и сите кризи, но она постојано се зборуваше за зголемување на плати во јавната администрација, парите за општините, што значи со еден збор ништо, изјави Владанка Трајковска, претседателка на ОРМ.
Разочараните од првите 100 дена се и дел од економистите кои велат дека освен за парите од Унгарија не слушнале ништо друго. Синдикатите пак се без коментар.
Чекаат на состанок од владата да им образложат што направиле за нив во овие три месеци, па потоа ќе коментираат. Нивното основно барање е зголемување на минималната плата и тоа во првите 100 дена, но тоа не се случи.
Сè уште не е одржан ниту економско- социјален совет на кои работодавачите, Владата и синдикатите би разговарале за сите проблеми.