Неколку владејачки гарнитури во изминативе години го прогласија процесот на денационализација за завршен, но се чини дека станувало збор само за политички флоскули, со оглед на тоа што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамките на 23. годишна конференција на Македонската берза, која неодамна се одржа во Охрид, најави дека се работи на донесување одлука за 23-та емисија на обврзници за денационализација во вредност од 1,5 милион евра, пишува Блумбер Адриа.
Според неа, со тоа ќе се зголеми понудата на хартии од вредност со кои ќе се тргува на секундарниот пазар на Македонската берза и, следствено, ќе живне тргувањето на берзата. Меѓутоа, актуелните податоци покажуваат дека меѓу инвеститорите нема којзнае каков интерес за овој вид обврзници.
Имено, Министерството за финансии во ноември минатата година ја издаде 22-та емисија на обврзници за денационализација на износ од 4,5 милиони евра, со кои се опфатени сите правосилни решенија за денационализација во периодот од 1.1.2022 до 31.12.2022 година со кои како надомест се даваат обврзници.
Обврзниците за денационализација се хартии од вредност што гласат на име, во евровалута и се неограничено преносливи. Номиналната вредност на една обврзница е 1 евро, а каматната стапка е 2 проценти годишно. Номиналната вредност и каматата на имателите на обврзници се исплаќаат во период од 10 години. Исплатата на каматата и номиналната вредност се врши еднаш во годината, односно на 10 еднакви рати, а за оваа емисија исплатата требаше да започне од 1 јуни 2024 година. Имателите на обврзници за денационализација исто така може да ги користат и за отплата на становите во општествена сопственост.
Македонија во согласност со Законот за издавање обврзници за денационализација, почнувајќи од 2002 година, еднаш годишно врши емисија на обврзници за денационализација, а Владата со одлука годишно го утврдува износот на обврзниците за денационализација што се издаваат. Државата досега има издадено 22 емисии на обврзници за денационализација на износ од 395,5 милиони евра.