Буџетскиот дефицит на Австрија во 2024 година ќе биде поголем од три отсто од БДП поради големите расходи за санирање на последиците од поплавите и послабите економски резултати, што значи дека оваа земја ќе ги прекрши фискалните правила на Европската Унија. Австриското Министерство за финансии очекува буџетскиот дефицит оваа година да се зголеми од 2,7 отсто во 2023 година на 3,3 отсто од БДП, пренесува Блумберг.
Во март, прогнозата беше поповолна и предвидуваше дека буџетскиот дефицит на Австрија во 2024 година ќе изнесува 2,9 отсто од нејзиниот БДП. Изборите во Австрија се одржаа на 29 септември, а новата влада, која сè уште не е формирана, ќе мора да ги намали буџетските расходи, наведува њујоршката агенција. Инфлацијата во оваа земја постепено се намалува, како и во повеќето други земји од еврозоната. Годишната стапка на инфлација во Австрија прелиминарно падна во септември од августските 2,4 на 1,8 отсто и сега е најниска од февруари 2021 година, објавија медиумите, пренесува Танјуг.