ИМААТ ЛЕК ЗА СЕКОЈА БОЛКА ‒ Како работат најдобрите аптеки во Македонија?

Десет аптеки направиле промет од 171,5 милиони евра во текот на минатата година. Тие се најдобрите според остварените приходи – од над 2 до над 60 милиони евра. Па, може само да се претпостави колкава би била бројката ако се пресмета колку пари свртеле сите 1.186 аптеки што се заведени во Регистарот на Министерството за здравство. Зашто, тие го имаат лекот за сите болести и многу други работи за заштита на здравјето, додатоци во исхраната, козметика, органска храна, медицински помагала…

Пари, користејќи ги податоците од БизнисМрежа, пресмета дека вкупниот приход на топ 10 аптеки, изразен во домашната валута, изнесува точно 10.545.436.237 денари. Тоа е респектибилна сума, која укажува на значителна активност и е одраз на побарувачката во доменот на фармацевтските производи.

ПРИХОДИ ОД 2,5 ДО 60,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Широкораспространетата мрежа од аптеки и најголемиот број вработени се едни од главните адути на Зегин Фарм. Компанијата со 35-годишно искуство во оваа дејност има убедлива предност пред другите во однос на реализираните приливи, кои претставуваат 35,3 насто од вкупниот приход на десетте бизнис-лидери. Станува збор за 3.725.234.739 денари, односно 60,57 милиони евра.

Висок приход од 2.629.246.002 денари или 42,75 милиони евра бележи Еурофарм од Битола, чии аптеки се распоредени во градовите низ државата, и во изминативе 24 години изгради препознатлив фармацевтски бренд.

Искуството на семејството Механџиски (Зегин) во областа на фармацијата се рефлектира и во солидното работење на Моја аптека. Прометот од 2.532.772.260 денари (41,18 милиони евра), ѝ обезбеди место во првата тројка од табелата.

Оттука натаму приходите се значително пониски, иако износите се милионски.

Прометот на Виола остварен од минатогодишното работење е 323.790.452 денари (5,26 милиони евра), на Виа Фарм од Вевчани е 293.097.710 денари (4,76 милиони евра), на скопски Алпи Фарм е 251.007.700 денари (4,08 милиони евра). Сепак, во оваа десетка нема приход понизок од два и пол милиони евра.

НАЈПРОФИТАБИЛНА Е МОЈА АПТЕКА

Несразмерни во однос на приходите се добивките на десетте аптеки. Заедничкиот резултат им е 209.414.586 денари, што е противвредност од 3,40 милиони евра.

Во заблуда е секој што мисли дека огромните приливи на Зегин се основа за исто таков профит. Со добивката од 24.043.958 денари или 390,9 илјади евра е на второ место.

Како и да е, и првото место според добивката му припаѓа на семејството Механџиски. И во 2023 година најпрофитабилна во овој сектор е Моја аптека, со 90.415.440 денари, односно 1,47 милиони евра.

Бле-Медика од Тетово работела со профит од 20.079.988 денари (326,5 илјади евра). Тоа е солиден резултат ако се има предвид и приходот од 2,5 милиони евра, кој ја позиционира компанијата на последното место од претходната листа.

Вевчанската Виа Фарм е на четврто место со добивката од 18.572.902 денари (301,9 илјади евра), а понатаму следуваат аптеки што не се рангираа меѓу десетте со највисок промет. На петтата и на осмата позиција се струмичките Еликсир (18.200.765 денари) и Алтеа (7.346.456 денари). На шесто место е Б1 аптека од Кичево (8.892.540 денари), на седмо Беладона од Куманово (8.163.995 денари), на деветто Фармед-М од Гостивар (7.150.352 денари), а на десетто место Роса-Вита од Битола (6.548.190 денари).

ЗЕГИН ФАРМ Е НАЈГОЛЕМ РАБОТОДАВАЧ

Во три од десетте компании егзистенцијата ја обезбедуваат 82,65 насто од вработените. Или, од вкупно 1.885 работно ангажирани, 1.558 лица платата ја заработуваат во Зегин, Еурофарм или Моја аптека. Во останатите седум аптеки има 327 вработени.

Најголемиот работодавач, Зегин Фарм, функционира со 549 вработени. Битолски Еурофарм има 511, а Моја аптека 498 вработени. И овие податоци се показатели за нивната големина и конкурентност на фармацевтскиот пазар.

Таа разлика е забележлива веднаш по преминот на четвртата позиција од оваа топ 10 листа, каде што се наоѓа Виа Фарм од Вевчани, каде што се ангажирани 60 лица. Следуваат Алпи Фарм и Виола со 53, односно 48 вработени.

И тука може да се забележат аптеки што не се присутни на претходните две листи (по приход и по добивка).

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/imaat-lek-za-sekoja-bolka-kako-rabotat-najdobrite-apteki-vo-makedonija/