Германската влада ќе ја коригира прогнозата за економски раст за оваа година, потврди министерот за економија Роберт Хабек. Министерот ја оцени економската состојба во Германија како незадоволителна.
Податоците постојано се коригираат – „за жал, сега се намалени“, рече Хабек. Ситуацијата, додаде, е многу нестабилна.

Весникот „Зидојче цајтунг“ прв објави за значителна корекција на прогнозата на владата.

Првично, Хабек предвидуваше благ пораст на бруто домашниот производ од 0,3 проценти за оваа година – сега се очекува пад од 0,2 проценти.

Во среда во Берлин министерот планира да ја претстави новата прогноза.

Промената не е изненадувачка, бидејќи големите економски институти неодамна ги намалија своите очекувања. Тие за оваа година предвидуваат пад на БДП од 0,1 отсто. Главната причина е неизвесноста кај фирмите и кај граѓаните.

Високите камати ги кочат инвестициите, компаниите се претпазливи поради нестабилната економска и геополитичка состојба, а граѓаните сè повеќе штедат наместо да инвестираат во недвижнини или трошење, што е пожелно.

Во исто време и владата и институтите предвидуваат дека следната година состојбата постепено ќе се подобрува и дека БДП повторно ќе расте.

Но, услов за тоа, велат од Владата, е нејзината иницијатива да расте со подобрувања на даночната политика, стимулации на пазарот на труд и намалување на бирократијата. Досега е реализиран само дел.

Во Владата се жалат дека покраините можат да ги запрат реформите бидејќи стравуваат дека ќе загубат дел од приходите од даноци.