Комерцијална банка донираше противпожарна опрема за Центарот за управување со кризи за да помогне да не се повторат застрашувачките слики од огнените стихии од летово и да го сочуваме природното богатство.
Тргнувајќи од својата определба да биде високо општествено одговорна компанија, Комерцијална банка овој пат обезбеди финансиска поддршка во износ од над 3.000.000 денари за противпожарна опрема. Со донацијата се обезбедени професионална работна облека и опрема за борба со шумски пожари за територијалните противпожарни единици (чизми, шлем, јакна, панталони, одело и ракавици) и преносен персонален компјутер за координирање на активностите на противпожарните екипи на терен.
Донацијата треба да ги подобри капацитетот и подготвеноста на територијалните противпожарни единици за брзо и ефикасно справување со пожарите и за да спречи катастрофални последици по животната средина и по безбедноста на граѓаните.
Грижата за животната околина е еден од највисоките приоритети на Банката и се манифестира не само преку нејзиното работење, туку и преку партнерската соработка со други институции.
Во таа насока, Комерцијална банка е горд „зелен поБОРник“ и, заедно со најголемата волонтерска иницијатива „Боренка“ на Сојузот на извидници, придонесува и за пошумување на опожарени подрачја. Банката помага и за едукација на децата на тема грижа и заштита на шумите од пожари затоа што превенцијата е исклучително важна и корисна.
Корпоративната филантропија на Комерцијална банка останува високо на агендата затоа што „Полесно е заедно“ да ги подобриме состојбите во општеството.