Здружението за истражување и анализи подготви нова анализа, поточно четврта за состојбите со локалните буџетски процеси. Ова здружение преку континуирано мерење на Индексот за отвореност на општините стасале до податоци кои покажуваат колку општините ги споделуваат информациите поврзани со граѓаните но и како локалните самоуправи известуваат за начинот на трошење на парите на граѓаните, како и на кој начин и во која мера граѓаните и маргинализираните груги се вклучени во општинските буџетски процеси.
Од ЗМАИ велат дека нивната цел e да им се даде можност општините да се подобруваат во исполнување на законските одредби и позитивните практики на доброто управување со јавните средства.
Во истражувањето се наведува дека Индексот на отвореност на општините за 2023 година ја прикажува актуелната состојба на транспарентноста, правичноста и отчетноста во буџетските процеси на општините во Македонија. Истражувањето треба да покаже кое е нивото на отвореност на локалната власт, врз основа на три клучни димензии транспарентност, вклученост и правичност, и отчетност.
„Овој извештај има за цел да ги идентификува силните и слабите страни на општините во однос на отвореноста на нивните буџетски процеси и преку препораки да им помогне во зајакнување на нивната транспарентност, вклученост и отчетност во иднина. Вредностите за секоја димензија се измерени на скала од 0 до 100, а конечниот индекс претставува просек од оценките во сите три димензии. Ваквиот пристап овозможува сеопфатна проценка на општините, при што се зема предвид подеднаквата важност на транспарентноста, вклученоста и отчетноста во процесот на управување со јавните средства. Извештајот ја анализира состојбата во 81 ЕЛС во земјата, при што просечната вредност на индексот за 2023 година изнесува 37,4, што укажува на значителен простор за подобрување на отвореноста на општините. Прв пат од воспоставувањето на индексот, една општина – Берово – достигна над 80 поени, што ја вклучува во категоријата на сеопфатно отворени општини“, се наведува во истражувањето на ЗМАИ.
Во истражувањето може да се забележи дека најголемиот дел од општините покажуваат минимална или недоволна отвореност на буџетските процеси, со што јасно се укажува на потребата од континуирани напори за подобрување на нивната транспарентност и отчетност.
Веднаш зад Берово, како најотворени општини се Валандово, Битола, Струмица, Богданци, Центар, Велес, Градско, Град Скопје, Крива Паланка, Брвеница, Илинден. Во долниот дел од табелата или општини со најниска отвореност се Тетово, Чаир, Долнени, Сарај, Росоман.
„Една четвртина од општините немаат донесено буџетски календар, а од оние кои ги имаат донесено, 89% го донеле календарот надвор од предвидениот рок. Мнозинството општини, односно 60% сè уште не го имаат донесено предлог-планот за програми за развој, а општините кои го имаат донесено, тој е надвор од законскиот рок. Иако во изминатиот период општините добиваа техничка поддршка за трансформирање на буџетските податоци во отворен формат, сепак 72% од општините воопшто не ги објавуваат овие податоци во отворен формат. 64% од општините во Македонија немаат објавено граѓански буџет, а 90% од граѓанските буџети кои се објавени ги содржат сите четири основни делови на еден граѓански буџет“, стои во извештајот.
Тоа што е позитивно во целата ситуација е дека Индексот за отворени општини во изминатите 4 години забележува континуиран раст, што укажува на подобрување на генералната состојба со транспарентноста, отчетноста, вклученоста и правичноста на локалните буџетски процеси во Македонија.