Речиси секој втор пензионер во Бугарија живее во ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Ова го посочува извештајот за адекватноста на пензиите на Европската комисија. Последните податоци се за 2022 година. Тие покажуваат дека 45,5% од луѓето на возраст од 65 и повеќе години се во ризик од сиромаштија.
Бројката благо се подобрува во однос на претходната 2021 година, кога овој удел на возрасните на работ на сиромаштија беше 45,7%. Состојбата на жените е полоша. Над половина од жените на возраст од 65+, или поточно 52,8%, се во ризик од сиромаштија. Процентот на мажите во пензија кои се на работ на сиромаштија се 34,5%, пишува Телеграф.бг.
Генерално жените земаат помали плати од мажите, што е факт и во Бугарија. Жените, исто така, често имаат помалку стаж или прекини во нивниот работен век поради обврските за грижа за децата. Сето ова на крајот влијае на големината на нивните пензии.
Сепак, Бугарија нема најлоша вредност според индексот на ризик од сиромаштија за пензионерите. Излегува дека само една земја е пред неа во негативното рангирање, а тоа е Естонија. Таму, 53,1% од луѓето на 65+ се изложени на ризик од сиромаштија и социјална исклученост. Естонија значително го влоши овој индикатор за една година. На другата крајност се земји како Норвешка, каде што само 8,2% од луѓето над 65 години живеат на работ на сиромаштија. Среќни се и пензионерите во Луксембург, каде што само 11,35 се изложени на ризик од сиромаштија, како и старите лица во Словачка (11,9%). Просечното ниво за целата Европска Унија на овој индикатор за 2022 година е 20,25%.